Потегот на Петков доаѓа откако амбасадорката на Русија во Бугарија пред неколку дена, честитајќи му го националниот празник на бугарскиот народ ја искористи приликата да ги советува Бугарите војната во Украина да ја гледаат како руско-турската ослободителна војна
Бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека побарал од руската амбасадорка во Софија Елеонора Митрофанова и сите од Амбасадата кои не се дипломати и се агенти, да се вратат во Москва, со што ќе ја уверат Бугарија дека нема да се случуваат повеќе дипломатски скандали, јави МИА од Софија.
Во интервју за БТВ, Петков рече дека добил лично извинување од Митрофанова и дека руската Амбасада во Бугарија ќе биде многу внимателна и ќе се однесува со почит кон бугарските институции за да не се создаваат скандали.
Амбасадорката на Русија во Бугарија пред неколку дена, честитајќи му го националниот празник на бугарскиот народ ја искористи приликата да ги советува Бугарите војната во Украина да ја гледаат како руско-турската ослободителна војна.
Митрофанова ова го кажа во видеообраќање на Фејсбук страницата на Амбасадата, иако претходно објави дека мисијата е префрлена на Телеграм поради „информативната агресија од Вашингтон и неговите евроатлантски бази“. МНР на Бугарија за оваа нејзина изјава побара извинување.
Претходно прес-службата на бугарскиот премиер објави дека Петков разговарал со руската амбасадорка и од неа побарал да не се меша во внатрешните работи на Бугарија и притоа добил извинување.
Петков не го коментираше барањето на дел од владејачката коалиција за отповикување на руската амбасадорка од Бугарија.
Според Петков, украинскиот претседател Володимир Зеленски покажал дека може да ја организира својата земја, која е во војна. За време на телефонскиот разговор на Петков со Зеленски, Киев побарал секаква можна поддршка. Бугарија испрати осум камиони со санитарна помош, лекови и хуманитарна помош кои патуваат кон Украина.
Петков рече дека Бугарија досега и давала само хуманитарна помош на Украина и рече дека Софија не испратила муниција и оружје до властите во Киев. Бидејќи е блиску до конфликтот, Бугарија многу внимателно ќе ја организира својата поддршка за Украина во конфликтот.
„Многу е важно луѓето да не подлегнуваат на хибридни напади и лажни вести, како што е недостигот на гориво и дека Бугарија ќе испрати војници во Украина“,
предупреди Петков.
„Војна во Бугарија – не, нема опасност, бугарското население мора да биде мирно“,
изјави Петков за БТВ.