Агенцијата за бегалци на Обединетите нации вчера објави податок оти согласно 2 март, од Украина побегнале над еден милион лица. Денеска, пак, согласно 3 март, според податоците на УНЦХР, земјата ја напуштиле над еден милион и двесте илјади лица
Бројот на украински бегалци се искачи на над еден милион и двесте илјади од почетокот на руската инвазија врз Украина, соопшти Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНЦХР).
„Околу половина милион од бегалците се деца“,
проценува УНИЦЕФ.
УНЦХР вчера објави податок оти согласно 2 март, од Украина побегнале над еден милион лица. Најголем дел од нив заминале во Полска, а најмалку во Белорусија.
Денеска, пак, согласно 3 март, според податоците на УНЦХР, земјата ја напуштиле над еден милион и двесте илјади лица. Најголем број украински бегалци сè уште има во Полска, чиј број согласно 3 март се искачи на над 600 000.

Следна на листата со најмногу украински бегалци е Унгарија, која примила над 144 000 бегалци на својата територија.
Голем дел од бегалците или над 110 000, се одлучиле засолниште да побараат во другите европски земји, наместо кај своите соседи.
Над 103 000 бегалци заминале во Молдавија, а околу 90 000 избегале во Словачка.
Во Романија, согласно вчерашниот ден, се засолниле околу 57 000 од бегалците, а над 53 000 избегале во Руската Федерација.
Најмал дел од бегалците или само 384 се одлучиле да заминат во Белорусија.

Од почетокот на руско-украинската војна, според бугарската гранична полиција, во Бугарија се засолниле околу 20 000 украински бегалци, а како што јави дописникот на МИА од Софија, во последните два дена има зголемување за 3 000 бегалци од Украина во Бугарија.
Агенцијата за бегалци на ОН (УНЦХР), претходно соопшти оти војната во Украина може да резултира со над четири милиони украински бегалци.