Премиерот возвраќа на обвинувањата од опозицискиот лидер дека СДСМ ги дели Македонците на про Руси и контра Руси
ВМРО-ДПМНЕ треба да размислат зошто се во коалиција со Левица која е за Русија, вели премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи за обвинувања од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека СДСМ се обидува да ги подели Македонците на про Руси и контра Руси.
„Тие обвинувања се без никаква основа. Македонската влада, СДСМ и коалициските партнери имаат едногласен став дека го осудуваме нападот на Русија врз Украина и го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина. Членка на НАТО сме и ја поддржуваме таа политика, а се приклучуваме и кон меѓународните економски санкции. ВМРО-ДПМНЕ треба да размислат зошто се во коалиција со партијата Левица која е за Русија. Тие го делат народот по партиска и етничка основа. Не поднесуваат извештаи пред народот туку пред нивниот партиски лидер“,
вели Ковачевски за „Утрински брифинг“.
Мицкоски обвини неодамна дека претседателот Стево Пендаровски и СДСМ јавно бројат кој бил за Русија, а кој за Украина.
„Ваквата делба на Украина – Русија што му ја прават на народот е само кога станува збор за теснополитичките и теснопартиските интереси, но не и станува збор за тендери или набавки од фирми кои се наоѓаат на црниот список на нашите сојузници. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, а тој значи поддршка за мирот во Украина и на територијалниот интегритет на оваа независна и суверена држава. Но на Ковачевски и на Пендаровски, како и на оние кои се платени зад тастатурата да делат би им порачал дека народот не ни е проруски, ниту проукраински, нашиот народ е промакедонски“,
рече Мицкоски.
Собранието синоќа, со 100 гласа „за“ и три гласа „против“ ја изгласа Декларацијата за осуда на воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Двајцата пратеници од партијата Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов гласаа „против“, како и пратеникот Иван Стоилковиќ од Демократската партија на Србите, која е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.