Во однос на ситуацијата со Украина, како што посочуваат од владината Прес-служба, премиерот Ковачевски соопшти дека земјава најостро ја осудува руската инвазија на Украина и дека позицијата на нашата држава е на линија на нашите стратешки партнери НАТО, САД и ЕУ

Интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија ќе биде придонес во стабилноста на регионот и на ЕУ, оценија на денешната средба премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорката на Швајцарија во земјава Вероника Хулман Марти.
Како што соопшти владината Прес-служба, амбасадорката Хулман Марти ја истакна поддршката од Швајцарија за напредокот на земјава во евроинтеграциите и на домашен реформски план и нагласи дека Берн ќе продолжи да ги поддржува реформите во државава од значење за граѓаните.
„Премиерот Ковачевски ја потврди важноста на придонесот на Швајцарија, како еден од најголемите донатори во земјава, во реализацијата на проекти што го подобруваат квалитетот на живот. Притоа, истакната е значајната поддршка од Швајцарија во демократските процеси на државава“,
се додава во соопштението.
На средбата заеднички било констатирана потребата за отвореност за дијалог од страна на сите политички субјекти во земјава, кога станува збор за развојот нац Северна Македонија и за потребите на граѓаните и во таа насока, нагласено е значењето на функционален Парламент и на одржливи политики на локално ниво, при спроведувањето европски проекти и други проекти од полза на граѓаните.
„Премиерот Ковачевски информираше за посветеноста на Владата за решавање на енергетската ситуација, како и кон унапредувањето на животниот стандард на граѓаните, при што веќе е зголемена минималната плата, а се работи на решенија за зголемување и на пензиите“,
се нагласува во соопштението.
Во однос на ситуацијата со Украина, како што посочуваат од владината Прес-служба, премиерот Ковачевски соопштил дека земјава најостро ја осудува руската инвазија на Украина и дека позицијата на нашата држава е на линија на нашите стратешки партнери НАТО, САД и ЕУ.
„На состанокот е заеднички потврдено големото пријателство помеѓу Република Северна Македонија и Швајцарија, со определба за унапредување на соработката“,
се додава во соопштението.