Синдикатот на администрација и државна управа при КСС смета дека веќе мартовската плата треба да биде усогласена со минималната, по нејзиното зголемување
Синдикатот на администрација и државна управа (САДУ) при Конфедерацијата на слободни синдикати бара средба со премиерот за надминување на, како што велат, последиците од зголемувањето на минималната плата.
Од Синдикатот нагласуваат дека не се против зголемувањето на минималната плата, но бараат усогласување и на другите плати.
„Ако се дозволи и во иднина административните, судските и јавните службеници, на повеќе нивоа, со различна сложеност на работни места, како што беше и досега, да земаат минимална и под минималната плата, што е случај само во јавниот сектор, без да се направи пропорционално покачување на платите, ќе дојде до големо незадоволство на нашето членство. Затоа бараме сега, а впрочем тоа го побаравме и преку нашиот национален синдикат КСС, во кој членуваме, да се усогласи бодот кој што треба да го донесе Владата согласно минималната плата“,
се наведува во денешното соопштение од САДУ.
Во спротивно, Синдикатот најавува порадикално дејствување.
„Ве уверуваме дека ако тоа не се случи со мартовската плата, која што треба да биде исплатена во април, од кога и почнува да се исплаќа новата минимална плата, под притисок на нашето членство, ќе донесеме одлука за легитимно радикално синдикално дејствување“,
велат од синдикатот.
Барањето за средба со премиерот, како што информира синдикатот, е испратено денеска до Владата.