Србија сака и преговара да влезе во ЕУ, а Унија има отворен став за руската агресија, а ги воведе и санкциите. Србија не го следеше тој пат и затоа треба да бидеме внимателни, изјави Џафери на ТВ 21
Иницијативата „Отворен Балкан“ треба да се преиспита, оцени претседателот на Собранието, Талат Џафери, вечерва во гостување на ТВ21.
„Трите земји членки и иницијатори на ‘Отворен Балкан’ треба да ја преиспитаат оваа иницијатива. Со последните изјави од страна на српските лидери, по новонастаната ситуација со руската агресија можам да кажам дека ситуацијата е промената. Тоа не е истиот оној човек со кој се разговараше и се создаваше иницијативата“,
посочи Џафери.
Во емисијата „Клик плус“, Џафери, исто така, истакна дека Северна Македонија не е против Србија.
„Не сме ние против Србија, ни како држава, ни како институции, ни како народ, ако сакате. Меѓутоа сега мора внимателно да се земаат сигналите. Таа сака и преговара да влезе во ЕУ, а Унија има отворен став за руската агресија а воедно ги воведе и санкциите. Србија не го следеше тој пат и затоа треба да бидеме внимателни. Се разбира не да ги прекинеме односите, но да бидеме внимателни. Значи уште еднаш, ние не сме против Србија туку сме против одликите на властите кои не ги следеа насоките на ЕУ“,
вели Џафери.