Украинката Татјана Урбанович, која околу 10 години живее во Скопје, во интервју за „360 степени“ говори за состојбата во која се наоѓаат нејзините роднини и пријатели во различни украински градови. Зошто иако имале опција, не ги напуштиле родните огништа и каква помош очекуваат од Северна Македонија? Погледнете го видеото.
360°: Татјана Урбанович, што велат вашите роднини и пријатели, како во овие моменти се живее во Украина?
Па, тешко, ама оваа војна многу нè обедини. Сите наши роднини и пријатели немаат ниту помислено да бегаат или да се предадат, нешто такво – нема. Сите се борат, бараат помош од Европа, но, никој нема чувство дека ние може да изгубиме. Ако ние изгубиме, ќе ја изгубиме својата држава, а никој од нас не сака да биде дел од Русија. Кога во пет часот наутро им паднаа првите бомби, мајка ми ме разбуди со повик, велејќи, извини ако сме ти згрешиле нешто, можеби нема да се видиме никогаш, нè бомбардираат.
360°: Сакате да кажете дека свесно останаа вашите роднини во Украина?
Да, свесно.
360°: Во кои градови се?
Моите се во Днепар, дел се во Киев, па и по други градови се нашите роднини и пријатели. Сите коишто можат да бидат корисни на своето место, иако не се војници, иако немаат никаква врска со тоа, сите тие помагаат. Кој може да готви храна – готви. Мајка ми ми спомена дека во нашиот град дури и бездомниците сами се понудиле да ги собираат шишиња и да им ги даваат на волонтерите што прават молотови коктели. Значи, ако дојдат во нашиот град, ги чекаат буквално во секоја грмушка, не ги пуштаат. Мојата кума е од мал град, под Запорожје, пет улици таму има само, вчера им влегле руските тенкови и тие буквално сите жители, наместо да се кријат по подруми, тие излегоја пред тенковите и ги свртеа назад.

360°: Дали сте задоволни од соработката со македонските власти овде, и како мислите дека тие можат да придонесат во оваа ситуација?
Многу сме им благодарни на македонските власти, бидејќи го затворија небото за Русија. Благодарни сме им и на сите новинари коишто не реобјавуваат само, туку сакаат сами да ја слушнат вистината, да го слушнат изворот.


360°: Татјана, дали вие лично сте за војна или за мир?
Па, како може кој било човек да е за војна, како е возможно да си за војна? Ама, ако ти влегуваат во домот, ако ти ги тепаат децата, ако ти ги убиваат твоите пријатели, значи тогаш невозможно е да си против, ти веќе си приморан да се бориш за својата држава. Ќе нема војна ако Русите си одат дома, сите со својата војска и нема да нè чепкаат веќе никогаш.