„Според досегашните резултати, сметаме дека нема потреба да се продолжи со скринигнот кај учениците затоа што ја постигнавме целта“, рече министерот за здравство Беким Сали и додаде оти бројката на новоинфицирани ученици е многу мала
Министерот за здравство Беким Сали смета дека согласно резултатите нема потреба да се продолжи скринингот кај учениците бидејќи процентот на инфицирани ученици е многу мал, а воедно истакна оти се наоѓаме во фаза на смирување на четвртиот бран.
„Според досегашните резултати сметаме дека нема потреба да се продолжи со скринингот, затоа што ја постигнавме целта. Баравме од овој скрининг да видиме колкав е процентот на новоинфицирани деца, гледаме дека бројката е многу мала, 0,8 отсто, така што нема потреба од продолжување со скринингот. Секојдневно ги следиме бројките, така што сметаме дека сме во фаза на смирување на четвртиот бран“,
изјави Сали по одбележувањето на Денот на ретки болести.
На новинарско прашање дали на утрешната седница на Комисијата за заразни болести ќе се предложи дополнително ублажување на мерките, министерот посочи дека прво ќе се направи анализа на епидемиолошката состојба и таа ќе даде насока во кој правец ќе се движиме.
„Серолошкиот скрининг ќе ни даде дополнителна информација како да постапуваме. Секако, ние ќе правиме анализа на состојбата која се случувала минатата недела, и ќе одлучиме за идната недела во зависност од резултатите од скринингот“,
додаде Сали.
Тој напомена дека засега не може да каже дали ќе има олеснителни мерки во однос на тргнувањето на маските на децата од училиштата, а како ќе постапат во идниот период зависи од утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести.