Путин одлуката за ставање во готовност на силите за одвраќање ја оправдува повикувајќи се на агресивните изјави од западните лидери

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост од одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ги стави во специјална готовност силите за одвраќање на земјата, јави ДПА.
Во интервју за „Би-би-си“ денеска Столтенберг кажа дека објавата на рускиот претседател покажува колку е „сериозен“ застојот околу руската инвазија на Украина.
Путин одлуката за ставање во готовност на силите за одвраќање ја оправдува повикувајќи се на агресивните изјави од западните лидери.
„Како што можете да видите, не само што западните земји преземаат непријателски мерки против нашата земја во однос на економијата – мислам на незаконските санкции за кои сите многу добро знаат, туку и првите луѓе на водечките земји во НАТО си дозволуваат да даваат агресивни изјави против нашата земја“,
вели Путин во обраќањето, кое го пренесува „РИА новости“, но и повеќе западни медиуми.
„РИА новости“ наведе и дека во документот на веб-страницата на руското Министерство за одбрана е наведено дека овие стратешки единици „се дизајнирани за да ја одвратат агресијата против Русија и нејзините сојузници, како и да го поразат агресорот, вклучително и во војна со употреба на нуклеарно оружје“.