Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски за „Утрински брифинг“ вели дека решението е во измена на ДУП
Прво нешто што го направивме е што го раскинавме договорот со планерската куќа која што ги правеше ДУП-овите Буњаковец 1 и 2, а таму е и „Треска“, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, кој во „Утрински Брифинг“, на Слободна ТВ зборуваше за урбанистичкото планирање во општината.
Според Герасимовски, решението е измена на ДУП-от, нешто што требало да се направи многу одамна. Во тек е барањето за нова планерска куќа и спроведување на нов ДУП, во кој влегува и „Треска“ во Буњаковец 2.
„Ако било спроведено пред две години и се изменил ДУП-от, сега таму ќе сме имале идејно архитектонско решение, кое ќе сме можеле сега да го спроведуваме. Секако дека ќе дадеме и ние насоки, но сепак треба да имаме предвид дека тоа е и приватно земјиште. Дека е изминат голем период каде што луѓето купиле некои парцели, се задолжиле во банки, плаќаат камати. Имаме можности за тужби, значи седнуваме и се договараме за да немаме тужби. Утре ќе се блокира општината, кој ќе го плати ‘цехот’ на крај?“,
вели Герасимовски.
Тој потенцира дека во барањето решение за ваквите ситуации, мора да се почитуваат и законите, вклучувајќи ја и „Треска“ – таму луѓето купиле имот, бараат дооформување, утре ќе бараат дозволи, а општината законски не смееме да ги сопреме.
Според градоначалникот Герасимовски, идејното решение не е идеално и сега е побарано од партиципативното тело да се презентира тоа идејно решение. Најавува дека до решение ќе се дојде со сослушување на сите страни – општината, архитекти, сопственици.
„Верувам дека ќе се најде заеднички јазик, дополнително и во текот на следната недела пак повторно ќе седнеме и со инвеститорите и со Комисијата за урбанизам за да говориме на таа тема и да најдеме едно заедничко најдобро решение“,
додава Герасимовски.

Во однос на друга локација која исто така предизвика реакии во јавноста, тоа е просторот спроти „Холидеј Ин“, Герасимовски вели дека таму има издадено една дозвола, се намалуваат другите катови на останатите две згради за кои уште не се побарани дозволи. Негов став е дека просторот треба да се урбанизира најбрзо што може, бидејќи има трошни куќи од кои половина се распаднати.
„Како граѓанин и жител на Центар, сопруг, родител, активист, зошто кај нас сите сме активисти, треба да видиме кој стои позади и колкава маса на луѓе го подржуваат тоа. Искрено сметам дека сега и таму е бетонизација. Имаме бетон, имаме трошни куќи, од кои половина се распаднати. За жал немаме ни канализациона мрежа и се останато, треба да се урбанизира, час поскоро“,
вели градоначалникот на Центар.
Поврзани вести:
Конкурсот за „Треска“ на стаклени нозе
Симболични награди, кратки рокови – што ќе донесе конкурсот за „Треска“?