Тој, исто така, обвини дека „Украина, вооружена до заби, е антируски настроена, што е неприфатливо“, а најдобрата одлука што Киев може да ја донесе, рече Путин, е да се откаже од амбициите за членство во Алијансата
Договорот од Минск, кој значеше примирје помеѓу Украина и Русија, по руското анектирање на Крим и тензиите во источниот дел на Украина во 2014 година, рускиот претседател Владимир Путин го прогласи за неважечки велејќи дека тој не постои зашто нема што да се исполни од тој документ.
Тој порача и дека не кажал оти руската армија веднаш ќе оди во Донбас, откако побара од рускиот парламент дозвола за испраќање на руска војска надвор од Русија што беше експресно одобрено од пратениците. Исто така се пожали и дека Русија била на мета на Украина.
„Украинските разговори околу нуклеарните амбиции беа насочени кон Русија и ние ја добивме пораката. Москва е во досегот на украинските нуклеарни проектили“,
изјави Путин.
Тој, исто така, обвини дека „Украина, вооружена до заби, е антируски настроена, што е неприфатливо“.
„Невозможно е да се предвидат конкретните акции на руската армија во Донбас. Украина треба да се демилитаризира. Најдобрата одлука што може да ја донесе Киев е да се откаже од своите амбиции да се приклучи на Алијансата“,
истакна Путин.
Рускиот претседател вчера ги призна самопрогласените „Народни републики“ Донецк и Луганск, предизвикувајќи лавина реакции и санкции на Западот.
- Шолц: Германија нема да го одобри гасоводот „Северен тек 2“
- Бела куќа: Ќе работиме со Германија за да бидеме сигурни дека „Северен тек 2“ нема да се пушти во употреба
- Санкции од владата на Џонсон за пет руски банки и за тројца олигарси блиски до Путин
Русија засега е осамена во одлуката за признавање на овие територии како посебни држави. Како што пренесе агенцијата Бета, најблиските сојузници на Русија изгледа не се подготвени веднаш да ја поддржат одлуката на Москва да ја признае независноста на областите под контрола на бунтовниците во источна Украина.
Претседателот на Казахстан, кој минатиот месец побара безбедносен сојуз на чело со Русија со цел да се смират насилните немири во земјата, рече дека прашањето за признавање на сепаратистичките региони не е на агендата на земјата.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, кој е во Москва на разговори со Путин, во своите јавно објавени изјави не го спомена руското признавање на Донецк и Луганск, туку се фокусираше на билатералните односи.
Ерменија сè уште не објавила никаква порака за поддршка за рускиот потег.
За тоа време, Путин се обиде да ги убеди руските поранешни советски сојузници дека Русија не предвидува обнова на Советскиот Сојуз. Тој му рече на азербејџанскиот претседател дека шпекулациите оти Русија ќе се обиде да го обнови своето „царство“ се апсолутно неточни.