Предлог-измените кои се на дневен ред во Собранието, предвидуваат минималецот да се зголеми од 15 200 на 18 000 денари, како и да се промени методологијата за пресметување на минималната плата
Расправата по предлог-измените на Законот за минимална плата ќе продолжи утре откако денеска, втор ден од дебатата, парламентарното мнозинство и опозицијата преку реплики и контра-реплики ги искажаа своите гледишта и забелешки за предлог-законското решение.
На денешната дебата, опозицијата, преку излагања на повеќе пратеници изрази жалење што не е прифатен нивниот амандман за скалесто зголемување на сите останати плати, бидејќи инфлацијата, како што рекоа, влијае на животниот стандард на сите работници. Според нив, доколку се зголеми само минималната плата, а не и останатите плати, тогаш ќе дојде до, како што велат, „урамниловка“.
Пратениците од власта, од друга страна, потсетија на реализираните проекти кои, според нив, се показател дека овој предлог ќе вроди со плод, односно нема да има негативни ефекти.
Пратеничката од СДСМ, Марија Георгиевска, на дебатата истакна дека со постигнувањето на договорот на синдикатите и работодавците за покачување на минималната плата се реализира мерка која што директно го помага животниот стандард на работниците.
„Во изминатиов период од десетина години, од кога за првпат е воведена минималната плата, немаме намалување на вработеноста, туку, напротив, имаме еден постојан нагорен тренд на зголемување на вработеноста. Нема негативни, туку, напротив, има позитивни ефекти од зголемувањето на минималната плата. Растат продуктивноста и економијата“,
рече Георгиевска.
Предлог-измените на Законот за минимална плата беа доставени до Собранието откако по неколкудневни преговори на Економско-социјалниот совет на 7 февруари беше постигнат договор минималната плата да се зголеми од 15 200 на 18 000 денари. Ваквите измени треба да стапат на сила со мартовската плата. Зголемувањето на минималната плата ќе биде помогнато и од страна на државата која од Буџетот за 2022 година ќе одвои 16 милиони евра за плаќање на разликата во придонесите до крајот на годината.
Со законските измени ќе се промени и методологијата за пресметување на минималецот.
„Со предлог-измените се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот согласно податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Со предлог-измените се предвидува висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата објавена од ДЗС за претходната година. Овие измени ќе опфатат околу 80 000 наши сограѓани кои со исплатата на мартовската плата ќе добијат покажување од 15 200 на 18 000 денари“,
рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска при претставувањето на предлог-законот во Собранието на 10 февруари.
Дел од разговорите во рамки на Економско-социјалниот совет беа Владата, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) и Организацијата на работодавци.