Според „Национал“, дел од раководството на владејачката ХДЗ сè уште верува дека владата може да се спаси ако Пленковиќ итно спроведе поширока реконструкција, а потоа ги отстрани сите компромитирани кадри од одговорни позиции во министерствата и во државните компании
Состанок на владејачката ХДЗ со коалициските партнери ќе се одржи денеска во Загреб, по апсењето на сега веќе поранешниот министер за просторно планирање, градежништво и државен имот, Дарко Хорват, кому му е одреден еден месец притвор за злоупотреба на службената положба и незаконско доделување финансиска поддршка, како што се тврди, за која бил лично заинтересиран.
Во меѓувреме, владата разговара за тоа кој би го заменил Хорват на министерската функција. Како најсериозен кандидат хрватските медиуми го споменуваат Степан Чурај, претседателот на ХНС и државен секретар во Министерството за финансии, за кого се нагласува дека од сите десетина државни функционери на кои министерствата им плаќаат кирија живее во најголем и во најскап стан во Загреб, од 113 квадрати, за кој месечно од буџетот се издвојуваат над 1 200 евра.
Загрепскиот неделник „Национал“ пишува дека премиерот Андреј Пленковиќ ја загубил поддршката од највисоките лидери на партијата, некои од водечките фигури на ХДЗ, иако значителен дел од поширокото раководство верува дека тој сè уште „ги држи картите“ и дека сè уште може да се спаси доколку итно спроведе поширока реконструкција на владата, а потоа ги отстрани сите компромитирани кадри од одговорните позиции во министерствата и државните компании.
Доколку тоа не го направи итно, прашање на време е кога ќе падне владата, според раководството на ХДЗ, кое е загрижено поради тоа што Пленковиќ, се чини, не е свесен за длабочината на проблемот, пишува „Национал“.