Не подлегнувам на притисоци, закани и учени, порача премиерот и кажа дека нема да седне на лидерска средба со Мицкоски доколку ВМРО-ДПМНЕ единствено бара да се разговара само за предвремени избори

Во моментов не ни се потребни избори, избори ќе има, но во 2024 година, порача премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со средбата на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Беса, Христијан Мицкоски и Билал Касами, по која тие рекоа дека имаат план и стратегија за да се дојде до предвремени парламентарни избори.
Ковачевски рече дека смета оти сега треба да бидеме единствени во однос на справувањето со најголемите предизвици со оглед дека сме во кризна година.
Исто така, премиерот посочи и дека нема да седне на лидерска со Мицкоски доколку ВМРО-ДПМНЕ бара единствено да се разговара за предвремени избори.
„Јас веќе во неколку наврати кажав дека не сум човек кој подлегнува на притисоци, закани и уцени. Доколку единствена точка која опозицијата смета дека треба да се разговара е предвремени избори, тогаш таква средба нема да има бидејќи уште еднаш ќе кажам дека избори ќе има, но во 2024 година. Во овој момент на Република Северна Македонија ѝ е потребно лидерство и одговорност за справување со предизвиците кои ги имаме во оваа кризна година, а тоа се: енергетската криза која е европска и ја има и во Северна Македонија, здравствената криза која сè уште е присутна преку новите соеви на коронавирусот, ценовната инфлација која е транзиторна и светска и со која се справуваме преку носење соодветни одлуки. Тоа се темите за кои треба да разговараат одговорни политичари во државата“
рече Ковачевски.