Јазикот и културата се столбовите на идентитетот на еден народ и на едно општество. Обврската да го зачуваме и да го негуваме нашиот јазик не е само долг кон нашите предци и нашите потомци, тоа е обврска на сите што го љубат, го почитуваат и го негуваат македонскиот јазик, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која денеска по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик го посети тријазичното основно училиште „Јашар Беј Шкупи“ во општина Чаир.
„Јазикот е културно наследство, во кое се обединува духовната и материјалната култура на човештвото. Македонскиот јазик е најреферентното обележје на македонскиот народ. Да се занемари македонскиот јазик значи да се занемари естетиката на македонската историја, меморија и современост“,
нагласи Костадиновска-Стојчевска.
Токму затоа, како што посочи министерката, ова училиште е одличен пример за почитување на правата на националностите, така што покрај македонскиот се изведува настава на албански и на турски јазик.
„Во имплементирањето на интегрираното образование главна алка се заедничките активности преку кои децата сè повеќе се запознаваат, ја запознаваат својата меѓусебна култура, својот јазик, а знаеме дека познавањето на секој јазик претставува непроценливо богатство“,
рече министерката Костадиновска-Стојчевска.