Според францускиот министер за европски прашања Клемент Бон, претседателите на Русија и на САД начелно се согласиле на билатерална средба
Прерано е да се организира самит меѓу претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Џо Бајден, соопшти денеска Кремљ откако Париз најави можност за средба за смирување на тензиите околу Украина.
„Прерано е да се зборува за какви било конкретни планови за организирање каков било самит“,
изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој додаде дека не се направени „конкретни планови“ за средба.
Претходно, францускиот министер за европски прашања Клемент Бон, за француската телевизија LCI, изјави дека самитот меѓу американскиот и рускиот претседател „нема да се случи пред четврток“.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска треба телефонски да разговара со својот француски колега Жан-Ив Ле Дриан, а в четврток со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Бон ги опиша овие состаноци како „подготвителни“ за самитот меѓу двајцата претседатели.
„Ќе ја видиме ситуацијата по тие дискусии“,
истакна францускиот министер.
Според Бон, Путин и Бајден начелно се согласиле на билатерална средба на која ќе разговараат за тензиите околу Украина, по повиците со францускиот претседател Емануел Макрон, вклучително и долгата дискусија со Путин.
„Дипломатската надеж е обновена од Макрон“,
нагласи тој.