Од СДСМ, пак, прашуваат „зошто ВМРО-ДПМНЕ се против обезбедување правна и економска сигурност на наставниот кадар и да им се овозможи вработување на неопределено време
Пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Иванка Василевска, денеска и обвини владејачките партии дека сакаат „шверцерски и неделовнички“ да се стават на дневен ред во Комисијата за образование, наука и спорт, закон кој, според опозициската партија, има за цел целосна партизација на образованието.
„СДСМ шверцерски, како што прави и секогаш, сака неделовнички на дневен ред во Комисијата за образование, наука и спорт да се стави закон кој има за цел целосна партизација на образованието. Лажни се тезите на пратениците од владејачкото мнозинство кои напразно се обидуваат да го одбранат овој штетен закон. Со овој закон СДСМ и ДУИ предвидуваат укинување на еден од механизмите за контрола на квалитет во образованието, т.е. да се вработуваат наставници и професори на неопределено време без приправнички стаж.“
вели Василевска.
Од СДСМ, пак, преку соопштеније ја обвинија ВМРО ДПМНЕ за блокирање на предлог-законот за наставници и стручни соработници.
„Блокадите, срамното однесување и одбивањето да земат учество во обезбедување подобар стандард за сите покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ не сака наставниците да земаат повисока плата .Зошто само ВМРО-ДПМНЕ е против зголемување и континуиран раст на платите на над 27 000 наставници и стручни соработници во основно и во средно образование? Зошто ВМРО-ДПМНЕ се против обезбедување правна и економска сигурност на наставниот кадар и да им се овозможи вработување на неопределено време, како што ги држеа во неизвесност и ги злоупотребуваа нивните гласови во времето на режимот? ВМРО-ДПМНЕ повторно демонстрира дрско, срамно и безобразно однесување кое е на штета на наставниците и целиот образовен систем.
се вели во соопштението на СДСМ.
Законот за наставници, во прва фаза, е пуштен во собраниска процедура уште во јуни минатата година, кога министерка за образование беше Мила Царовска. Но, поради опструкциите, се уште не е ни почната суштинска расправа за него.