В.д. претседателот на Врховен суд, Фаик Арслани, ја држи јавноста во информативен мрак за тема од висок јавен интерес
Врховниот суд денеска на општа седница не успеал да донесе одлука по барањата на Јово Вангеловски и на Рахилка Стојковски за изземање на целиот состав на советите кои решаваат за нивните жалби на одлуките за разрешување од Судскиот совет, велат упатени извори за „360 степени“. В.д. претседателот на Врховен, Фаик Арслани, не одговара на нашите повици за официјално да ја потврди оваа информација и да ја информира јавноста за причините поради кои врховните судии не успеале да се произнесат.

Отсуството на одлука од денешната општа седница на Врховен значи ново развлекување на постапката за евентуална потврда на разрешувањето на Вангеловски и Стојковска. Судскиот совет на 10 септември 2019 година ги разреши двајцата врховни судии поради нестручно и несовесно постапување при носењето на одлуката за укинување на притворот на Сеад Кочан додека тој беше во бегство. Спорната одлука е од мај 2017 година.
Според последните измени на Законот за Судскиот совет, одлука за разрешување судија носи Судскиот совет, на што засегнатиот судија има право на жалба до Совет за жалба што се формира при Врховниот суд. Од 9 члена на Советот за жалба, тројца се врховни судии, двајца се судии од судот од кој потекнува засегнатиот судија, а уште по еден член се делегира од четирите апелациски подрачја – скопско, гостиварско, битолско и штипско. Во случајот со Вангеловски и Стојковска, тоа значи дека петмина од деветтемина членови во жалбените совети се врховни судии.
Засегнатите не бираат средства за одолговлекување
„360 степени“ веќе објави дека на заседанието на жалбениот совет на 17 февруари, Вангеловски преку правниот застапник прво барал да се одложи седницата бидејќи немало уредна достава, а потоа и затоа што немало доволно време за подготовка. Овие барања биле одбиени, како и следното – да има одлагање бидејќи станува збор за предизборен период, што според жалителите значи време во кое не може да има разрешувања. На крај, било побарано изземање на целиот жалбен совет. Истото се случувало и во жалбениот совет што решава по жалбата на Рахилка Стојковска.
Токму по овие барања за изземање требаше денеска да се произнесе општата седница на Врховен, но состанокот завршил без конкретен епилог.
Обид за заседавање на жалбениот совет за Вангеловски имаше и на 20 февруари 2020 г., но повторно безуспешно. Поради отсуство на судијата од гостиварска апелација, Африм Јакупи, наводно поради смртен случај во семејството, жалбениот совет само констатирал дека не се исполнети условите за да заседава и закажал нов состанок за 9 март. Прашање е дали Советот може да донесе одлука без претходно да се произнесе општата седница на Врховен за барањето за изземање.
Вангеловски и Стојковска иницирале разрешување на тројца врховни судии
Дека Вангеловски и Стојковска се подготвени да ги користат сите опции за одолговлекување на постапките за потврда на нивното разрешување, зборуваат и информациите од Судскиот совет за поднесени претставки од нив за разрешување на дел од врховните судии кои се членови на жалбените совети.
Како што веќе објавивме, Јово Вангеловски поднел претставки со барање за разрешување на врховните судијки Беса Адеми и Цветанка Периќ поради, според негова оценка, нестручно и несовесно водење на постапката за него пред жалбениот совет.
Исти претставки, според нашиот извор од Судскиот совет, поднела и Рахилка Стојковска. Таа бараа разрешување на врховните судии Шпенд Деваја и повторно Цветанка Периќ, со истото образложение.
Интересно е дека Вангеловски и Стојковска таргетираат само тројца судии, иако за одлуките за отфрлање на нивните барања за одлагање на седниците гласале и други судии челнови на жалбените совети.
Не е јасно дали овие иницијативи може дополнително да го пролонгираат изјаснувањето на жалбените совети за разрешувањата на Вангеловски и Стојковска.
Инаку, жалбените совети веќе доцнат со одлуките. Според Законот за Судски совет, Советот за жалба треба да донесе одлука во рок од 30 дена од неговото формирање. Во случајот на Вангеловски и на Стојковска, советите беа формирани на почетокот на јануари.