Претходното законско решение кое крена голема прашина во јавноста поради спорниот член со кој се промовираше амнестија за градењето на диво, го помина собранискиот филтер, но не беше потпишано од страна на претседателот Стево Пендаровски
Законот за легализација на дивоградби е во собраниска процедура. Ако Парламентот е подготвен за дебата, тука сме да ги отвориме сите прашања, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, при денешниот увид во изградбата на браната Отиња во Штип.
Министерот истакна дека законот е целосно преправен и корегиран, како и дека се земени предвид предлозите на граѓанските здруженија и организации.
„Државата е исправена пред предизвикот да се донесе законот. Ние целосно го преправивме. Направивме и многу други чекори со кои ги послушавме и испочитувавме граѓанските здруженија и организации, за законот да биде прифатлив и за граѓаните, и за Парламентот. Законот е веќе во собраниска процедура, а ако Парламентот е подготвен да дебатираме, тука сме да ги отвориме сите прашања зашто законот е потребен, и за националните, и за општинските инфраструктурни проекти, но пред сè за граѓаните кои сакаат да ги стават во легална рамка своите објекти. Кога ќе бидеме повикани како Влада, ќе бидеме во Собранието за да дискутираме за подобрување и донесување на законот. Заглавен е во Собрание и очекуваме дискусија на комисиска расправа“,
кажа Бочварски.

Претходно, министерот во гостување во дебатното издание на емисијата „360 степени“ образложи дека со новото законско решение ќе се легализираат дивоградби изградени до 1 јануари 2021 година, а рокот за поднесување на барањето за легализација ќе биде шест месеци од денот на влегувањето во сила на законот. Сите објекти што не ги опфаќа овој закон ќе треба да се рушат.
Претходното законско решение кое крена голема прашина во јавноста поради спорниот член со кој се промовираше амнестија за градењето на диво, го помина собранискиот филтер, но не беше потпишано од страна на претседателот Стево Пендаровски.