Дел од предложените сведоци на одбраната не беа присутни на денешната расправа со што нивното сослушување се одложи за следното насрочено рочиште на 23 февруари
Емил Димитриев, Ирена Мишева, Борче Георгиевски и Лазо Малијански денеска беа сослушани како сведоци предложени од одбраната во случајот „Плацови на Водно“.
Поранешниот премиер Димитриев рече дека не забележал нерегуларности во економското работење на ВМРО-ДПМНЕ во периодот кога извршувал функција генерален секретар на партијата, при што нагласи дека Никола Груевски никогаш не побарал од него да земе пари на рака од некоја донација, ниту дека слушнал од трето лице да го побарал тоа. Истото го кажа и на прашањето, дали Груевски преку него, како генерален секретар, или преку други побарал некаква интервенција во Генералниот урбанистички план на Скопје.
Сведокот Борче Георгиевски, поранешен советник на Град Скопје, рече дека расправата на Град Скопје при носење на ГУП е процедура која апсолутно се води според деловникот.
„Колку што можам да се сетам, апсолутно немаше, дури мислам дека имаше голем број гласови што се донесоа на тој совет во однос на прифаќање на ГУП“,
посочи тој, при што дополни дека немал никаков притисок при изгласување на истиот.
Ирена Мишева, своевремено претседател на Совет на Град Скопје, објасни дека подготовка на ГУП е започната некаде 2005-2006 година, кога имало нова територијална поделба на РМ, и согласно тоа, ГУП требало да претрпи одредени измени.
„Постапката е започната во 2005-2006 година, бидејќи се работи за многу обемен документ во кој се вклучени многу институции, трае многу долго и овој ГУП финишира со неговото донесување во 2012 година и согласно законот се донесе во две фази, прво нацрт фазата, потоа одлуката за ГУП на Град Скопје“,
појасни таа.
На барањето, да ја објасни како течела расправата, таа рече:
„Од она што се сеќавам и пред малку и напоменав, Советот на Град Скопје брои 45 членови, јас точно можам да ви кажам во мандатите, кои, колку, имало советници на ВМРО-ДПМНЕ. Она што можам да го кажам дека тој совет беше многу шаренолик совет од многу политички партии“,
рече таа додавајќи дека никогаш не ѝ била дадена наредба како да гласа при носење на тој ГУП, дали лично или преку некое трето лице.
„Никогаш, ама баш никогаш, Никола Груевски ми се нема јавено ниту за едно прашање, за една тематика, под целосна граѓанска, кривична, материјална одговорност отфрлам какво било толкување дека некој ми се јавил, особено господинот Никола Груевски“,
рече таа.
На прашање од претседателот на Советот, дали кога го гледале и кога работеле на ГУП-ит знаеле кои се сопственици на одредени парцели на Град Скопје, таа истакна дека како советници, немаат увид во ДУП-овите, туку тие се во надлежност на матичните општини.
На денешното рочиште сведочеше и сведокот Лазо Малијански, геодетски инженер кој го образложи неговиот ангажман за изработка на геодетски елаборат за конкретната парцела за која рече дека смета дека се запазени сите законски постапки, а за понатамошното како е тој искористен, нема податоци.
„Јас го разгледав овој геодетски елаборат. Истиот е изготвен согласно позитивните законски прописи, барател за геодетскиот елаборат била фирмата ‘Лајф кер’ и се однесувало за барање за физичка делба во реален дел на земјиште. Најчесто физичка делба во реални делби се бара кога се има потреба да се склучуваат договори за купопродажба или за поклони. Наназад, за такви физички делби во реални делови служеле тапиите, потоа скици од претходна постапка кои служеле за договарање. А откако е воведена геодетската пракса служат геодетите“,
посочи тој.
За да може да се изработи геодетски елаборат за физичка делба, како што рече, има предуслови, а тоа се, земјиштето да не е земјоделско, или ако е земјоделско да е поголемо од 20 илјади километри квадратни. Друг услов е земјиштето да е градежно и со намена за индивидуално, стабилно живеење.
„Во овој случај, исто така, не е побарано да се изврши поделба на градежна парцела бидејќи градежна парцела и не може да се дели, односно, градежната парцела може да се дели само со измени на ДУП или со нов ДУП“,
рече Малијански.
Дел од предложените сведоци на одбраната не беа присутни на денешната расправа со што нивното сослушување се одложи за следното насрочено рочиште на 23 февруари.
Според обвинението за овој случај, Никола Груевски е обвинет за делата перење пари и за противправно стекнување и прикривање имот. Неговиот кум, Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска-Камчева се товарат за перење пари, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.