По насоки на надлежниот јавен обвинител, започнати се проверки во Врховниот суд во насока на утврдување на фактите, велат од јавното обвинителство за „360 степени“
Основното јавно обвинителство Скопје оформило предмет за случајот со неколкуте десетици предмети што в.д. претседателот на Врховниот суд, Фаик Арслани, ги затекнал во фиока при преземањето на функцијата од Јово Вангеловски.
Постапувањето на ОЈО Скопје доаѓа откако пред околу еден месец претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, изјави дека за случајот се известени обвинителството и Државната комисија за спречување на корупцијата.
„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија го прими известувањето за кое покажувате интерес. По разгледувањето на информацијата, предметот е испратен на натамошно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје. Веднаш по приемот, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет кој е распореден кај надлежен јавен обвинител. По насоки на јавниот обвинител, започнати се проверки во Врховниот суд во насока на утврдување на фактите“
одговорија од обвинителството на прашањата од „360 степени“.

Првиот човек на Судскиот совет на 22 јануари објави дека за предметите што биле најдени во фиока кај Вангеловски веднаш ги информирале државниот обвинител Љубомир Јовески и Антикорупциската комисија.
„Предметите од Врховниот суд в.д. претседателот ги има распределено на судиите кои работат во тој оддел. Ние добивме информација од негова страна дека се пронајдени предмети и веќе тоа го пуштивме во процедура. Ја известивме Антикорупциска, а го известивме и јавниот обвинител на Република Северна Македонија“,
рече Здравев.
Тој оцени и дека најверојатно им биле повредени правата на странките чии предмети биле во фиока.

„Правата во однос на судење во разумен рок, долго време траела постапката, предметите се задржани, а дали основано или не, тоа треба да го каже в.д. претседателот. Повредени се правата на итно, брзо постапување, согласно принципот за судење во разумен рок“,
изјави Здравев.
*поврзана вест Ново развлекување на постапката за потврда на разрешувањето на Јово Вангеловски