Тој во интервју за ТВ 24 вечерва рече се чека материјалот да се преведе и да биде доставен до сите пратеници по што ќе се најде на седница
Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека, во однос на поднесената Декларација од ВМРО-ДПМНЕ за Гоце Делчев, не постапил антидржавно, туку според процедурата, одговарајќи на обвинувањата од опозицијата. Тој во интервју за ТВ 24 вечерва рече се чека материјалот да се преведе и да биде доставен до сите пратеници по што ќе се најде на седница.

„Дневниот ред на наредната седница од 1 март ќе биде дополнет и со пристигнатите материјали, а законодавната постапката предвидува кога материјалот ќе се пушти до пратениците – не може да биде предмет на дневен ред ако не е доставен материјалот“,
објасни Џафери.
Тој не гледа причина зошто нему му се префрла одговорноста или вината за, како што кажа, непостапување на некоја од комисиите.
„Јас немам обврска некому да му стојам над глава и да му кажувам што и како да работи. Затоа неделно имам координации, во крајна инстанца, претседателите на комсииите се одговорни. Јас мислам дека соодветно си ја вршам функцијата и водам сметка и за угледот на институцијата, а секој прво себе си да си се преиспита. Сите политички партии имаат свои претставници пратеници во Собранието, можеле да покренат такво прашање“,
рече Џафери.
Според него, нема ништо спорно во текстот на Декларацијата за Гоце Делчев што опозицијата ја поднесе во Собранието.
„Јас содржински ја прочитав, тоа што е дадено тоа не е декларација туку програма за одбележување со која институциите се обврзуваат како да ја одбележат 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Јас не можам да влијаам врз содржината и како таква Декларацијата треба да оди на една од комисиите пред да се разгледа во Собранието“,
рече Џафери додавајќи дека тој лично нема проблем со Декларацијата.