Жалбата до Врховен адвокатот Јанура ја поднел поради повреди на Кривичниот законик и на Законот за кривична постапка односно поради повреда на правото на одбрана. Во одлуката која Врховен ја донел се констатира дека барањето на одбраната е основано односно дека му е повредено правото на одбрана на Панчевски бидејќи кога судиите од Апелација одлучувале за жалбата не го повикале на седницата односно таа не била јавна

По две недели поминати во затворот во Шуто Оризари, поранешниот судија и претседател на Основниот кривичен суд во Скопје, Владимир Панчевски, ќе излезе оттаму бидејќи Врховниот суд ја укина пресудата на Апелацискиот суд од Скопје.
„За пресудата дознав откако беше објавена на судскиот портал од страна на Врховниот суд. Она што посебно го поздравувам кај оваа пресуда е што Врховниот суд се осврнува на повреди на Европската конвенција за човекови права односно праксата на судот во Стразбур. Очекувам да биде пуштен на слобода во најбрз можен рок“,
изјави за „360 степени“ неговиот адвокат Петро Јанура, кој ја поднел жалбата до Врховен.
Панчевски во Шутка влезе на 3 февруари, а како што потврди директорот на затворот во Шутка, Филип Андов за „360 степени“, тој треба да излезе во текот на утрешниот ден.
Панчевски беше осуден за злоупотреба на службената положба и овластувања односно поради злоупотреби со АКМИС-от – електронскиот систем за распределба на предмети кај судии. Судскиот процес се водеше пред Основниот суд Велес кој го осуди на казна затвор од три и пол години, а потоа скопска Апелација му ја намали на две и пол години.
Меѓутоа, со одлуката на Врховен, пресудата на Апелација се укинува и предметот се враќа на повторно одлучување пред второстепениот суд.
Жалбата до Врховен адвокатот Јанура ја поднел поради повреди на Кривичниот законик и на Законот за кривична постапка односно поради повреда на правото на одбрана. Во одлуката, која Врховен ја донел на 9 февруари годинава, се констатира дека барањето на одбраната е основано односно дека му е повредено правото на одбрана на Панчевски бидејќи кога судиите од Апелација одлучувале за жалбата не го повикале на седницата односно таа не била јавна.

„Овој суд констатира дека со тоа што Апелациониот суд Скопје при постапувањето по жалбите донел пресуда на нејавна седница, за која осудениот не бил известен, иако тој тоа го барал во поднесената жалба и притоа не навел релевантни и доволно образложени причини за таквиот начин на постапување, сторил повреда на правото на одбрана, односно на одредбите на кривичната постапка во жалбената постапка, во смисла на член 465 став 1 точка 3 од Законот за кривичната постапка, која повреда влијаела врз законито и правилно донесување на пресудата и врз правото на осудениот на правично судење“,
пишува во дел од одлуката на врховните судии.
При повторното одлучување, Врховен ја задолжува апелација да одржи седница на која уредно ќе ги повика како јавниот обвинител, така и Панчевски и неговиот адвокат.
На тој начин, забележува највисокиот суд, ќе им биде дадена можност на странките да ги изнесат своите ставови, а обвинетиот својата одрана, како и да направи директна и непосредна оценка на доказите.