Мицкоски во интервју за Канал 5 пред две недели го повика премиерот на средба во седиштето на опозициската партија
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва изјави дека ќе има средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тогаш кога ќе има теми за кои ќе треба да се разговара.
„Средбите со политичките парити се нормални и кога ќе има теми за кои ќе треба да се разговара тогаш нормално тие ќе се случат и кога ќе се случат јавноста ќе биде информирана. Сигурно има теми, но кога ќе се случи таква средба ќе биде информирана јавноста“,
рече Ковачевски во интервју за ТВ Сител.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред две недели го повика лидерот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски, на средба во седиштето на опозициската партија.
Во интервју за Канал 5, на прашање дали има комуникација со Ковачевски и кога би имале средба, Мицкоски истакна дека се уште нема прецизен термин.
„Нема се уште прецизен термин. Имаше еден колоквијален разговор – ‘би сакал да организираме средба’, реков – ‘во ред да организираме, кабинетите нека договорат термин’. Нема ништо од нивна страна. Така што тоа е тоа. Тој е тој што рече ќе викнел. Ете ја користам оваа прилика повикам да дојде на лидерска средба во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ“,
рекол Мицкоски, како што пренесоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Во интервју за МТВ, пак, Ковачевски на 28 јануари рече дека тоа утро му с ејавил на Мицкоски и договориле средба.
„Утрово му се јавив на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и се договоривме наредниот период, многу скоро, да организираме средба. Таа средба можеше да се случи и порано, но заради зафатената агенда во Владата, како и заради тоа што двајцата секретари на СДСМ беа во изолација поради инфекција со вирусот, денеска почнавме со организација на таа средба и таа ќе се случи наскоро“,
изјави Ковачевски во интервју за националниот сервис МРТ1.