Извештајот за тоа кои фирми го почитувале законот, а кои го прекршиле, како што изјави министерката Тренчевска, ќе биде објавен јавно на веб-страницата на ДИТ за јавноста да може да го види и да се информира кој го прекршил законот, а кој ја исполнил законската обврска за исплата на плата согласно измените на Законот за работни односи
Државниот инспекторат за труд (ДИТ) од денеска ќе врши увид дали на правните субјекти, на кои според закон им е дозволено да работат во недела, им се исплатени повисоки дневници за 50 отсто во јануарските плати.
„Согласно закон, платата за јануари треба да се исплати до 15 во тековниот месец. Од денеска ДИТ е во интензивни надзори кај сите работодавачи кои согласно закон можат да работат во недела. Надзорите ќе се прават до крај на месецот. Потоа ќе има соопштение и месечен извештај за почитување на законското право за исплата на дневници поголеми за педесет проценти за сите работници кои согласно закон се во дејности кои имаат право да работат во недела“,
изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во одговор на новинарско прашање по посетата по посетата на компанијата „Текспорт“.
Извештајот, како што нагласи таа, ќе биде објавен јавно на веб-страницата на ДИТ. Јавноста ќе може да го види и да се информира кој го прекршил законот, а кој ја исполнил законската обврска за исплата на плата согласно измените на Законот за работни односи.
На истата тема на прашање на новинарите одговараше и премиерот Димитар Ковачевски кој, како што рече, јасно кажал дека законското решение за недела неработен ден мора да се почитува. Тој нагласи и дека евентуално усогласување и дополнување на законското решение е можно само доколку со него е испуштена некоја дејност која што е неопходно да работи во недела.
„Законското решение за недела неработен ден е донесено низ дијалог и низ инклузивен процес на стопанските комори, на другите асоцијации на деловната заедница заедно со МТСП во рамки на Економско-социјалниот дијалог, во кој учествуваат и економските ресори од Владата. Нормално дека тоа решение со текот на времето кога ќе се видат ефектите од неговата имплементација пак ќе биде анализирано со стопанските комори и со другите учесниците во економско-социјалниот дијалог. Тренчевска е во постојан контакт со стопанските комори на оваа тема и ако се утврди дека можеби во некој дел бил направен пропуст во однос на некоја дејност која што е неопходно да работи во недела за тоа затоа што технолошкиот процес тоа го налага, тогаш може да се пристапи кон одредено усогласување на законското решение“,
рече Ковачевски.
Меѓутоа, нагласи тој, недела неработен ден е решение кое е за работниците и вели дека силно го поддржува.
Решението за недела неработен ден почна да се применува од 1 јануари годинава.