Американскиот претседател рече и дека САД не ги потврдиле руските тврдења дека дел од руските војници се вратиле во своите бази и нагласи дека американските аналитичари веруваат дека 150 000 војници што Москва ги собрала долж нејзината западна граница сè уште можат да извршат напад по кратко известување
Сè уште постои голема можност за руски напад врз Украина, нагласи денеска американскиот претседател Џо Бајден во изјава во врска со руско-украинската криза откако Русија објави дека повлекува дел од своите војници долж границата со соседната држава.
Претседателот на САД во обраќањето порача дека тие заедно со партнерите ќе „продолжат со дипломатија“ со Русија.
Бајден рече дека САД се „подготвени за што и да се случи“, во изјавата за руско-украинската криза.
„САД се подготвени, што и да се случи. Ние сме подготвени со дипломатија, да се вклучиме во дипломатија со Русија и нашите сојузници и партнери за да ја подобриме стабилноста и безбедноста во Европа како целина. И ние сме подготвени одлучно да одговориме на руски напад за Украина, што сè уште е голема можност. Сите настани од последните неколку недели и месеци, тоа беше нашиот пристап и останува наш пристап сега“,
рече претседателот на САД.
Бајден рече дека САД не ги потврдиле руските тврдења дека некои воени единици распоредени долж украинската граница ги завршиле вежбите и се вратиле во своите бази и нагласи дека американските аналитичари веруваат дека 150 000 војници што Москва ги собрала долж нејзината западна граница сè уште можат да извршат напад по кратко известување.
Доколку Русија изврши инвазија, предупреди тој, САД се „подготвени да тргнат“ со санкции. Сепак, рече Бајден, „треба да и дадеме на дипломатијата секоја шанса да успее“.
„Ако Русија навистина изврши инвазија во наредните денови и недели, човечката цена за Украина ќе биде огромна. А стратешкиот трошок за Русија исто така ќе биде огромен. Ако Русија ја нападне Украина, ќе наиде на огромна меѓународна осуда. Светот нема да заборави дека Русија избра непотребна смрт и уништување“,
рече американскиот претседател во изјавата од Белата куќа.
Инвазија врз Украина, порача тој, ќе се покаже како самонанесена рана. САД, а нашите сојузници и партнери ќе одговорат одлучно.
Во обраќањето, Бајден јасно стави до знаење дека САД не се обидуваат да ја зголемат нестабилноста.
„Дозволете ми да бидам подеднакво јасен за она што не го правиме: САД и НАТО не се закана за Русија“,
рече Бајден.
Украина не и се заканува на Русија, продолжи тој, а ниту САД, ниту НАТО имаат ракети во Украина.
„Не го таргетираме народот на Русија. Не сакаме да ја дестабилизираме Русија. До граѓаните на Русија: вие не сте наш непријател. Не верувам дека сакате крвава, деструктивна војна против Украина“,
им порача Бајден на Русите.