Ќе се вратиме на нормалното време што го имавме пред короната. Не мора повеќе да држите дистанца од 1,5 метри, порача министерот за здравство
Холандија ќе ги укине речиси сите ограничувања против ковид-19 до 25 февруари и ќе се врати во нормален живот бидејќи се намалува бројот на инфицирани и хоспитализирани лица, изјави денеска холандскиот министер за здравство, Ернст Куиперс.
Тој наведе дека „државата повторно ќе се отвори“.
„Ќе се вратиме на нормалното време што го имавме пред короната. Не мора повеќе да држите дистанца од 1,5 метри“,
посочи Куиперс.
Во декември 2021 во пресрет на божиќните празници, Холандија воведе строги рестрикции и повторно ги затвори баровите, рестораните и културните објекти. Со попуштање на мерките, пак, почна кон средината на јануари кога беа отворени продавниците и фризерниците, а кон крајот на месецот под притисок на угостителскиот сектор Владата реши повторно да ги отвори и рестораните и баровите.
Повеќе европски земји решија да почнат со укинување на ковид-рестрикциите. Шведска пред неколку дена ги укина речиси сите мерки, следејќи го примерот на Данска која го направи тоа претходно.
Шведските власти одлучија да се укине ограниченото работно време на рестораните и баровите, како и да не важат правилата за физичка дистанца. Исто така, го укинаа и носењето на маски на места каде има метеж или во јавен превоз.
Укинување на мерките најави и премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, кој кажа дека ќе претстави стратегија за соживот со коронавирусот.
Денеска и владејачката коалиција која е на власт во Белгија најави олеснување на мерките. Според најавата, од март ќе се укине ковид-сертификатот за влез во угостителски објекти, на културни настани и други локали.
Photo: EPA-EFE/MARCEL VAN HOORN