Како што нагласи членот на Комисијата Борис Кондарко, формирањето помошни тела најмногу ќе се однесува за ракување со изборниот материјал, доверливиот и недоверливиот, за ракување со транспорт, чување, за апаратот за отпечаток од прст и податоците во него, како и за други сектори во централата на ДИК за помош на вработените во одредени делови од изборниот процес за поефикасно извршување на одредени изборни дејствија
Државната изборна комисија (ДИК), на денешната седница едногласно донесе одлука за формирање помошни тела за спроведувањето на изборите за градоначалници на општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа, чиј прв круг е закажан за 17 април.
Членот на ДИК, Борис Кондарко, соопшти оти Комисијата пристапила кон изработка на сите неопходни акти и други подготвителни дејствија како и за сите избори досега, согласно Изборниот законик.
„Оваа одлука за утврдување потреба од формирање помошни тела се носи на секои избори и произлегува од потребата за одредени дејствија и помош, покривање на работата на одредени сектори и сегменти од изборниот процес на ДИК бидејќи немаме доволно вработени или немаме доволно стручни лица. Ова конкретно најмногу ќе се однесува за ракување со изборниот материјал, доверливиот и недоверливиот, за ракување со транспорт, чување, за апаратот за отпечаток од прст и податоците во него, како и за други сектори во централата на ДИК за помош на вработените во одредени делови од изборниот процес за поефикасно извршување на одредени изборни дејствија“,
образложи Кондарко и додаде оти за лицата кои ќе бидат ангажирани, претседателот на ДИК ќе носи посебна одлука со решение и образложение за нивните работни задачи и одговорности.
Членот на ДИК, Бобан Стојаноски, информира дека предлог-правилникот за одлучување на избор на обработувачи на лични податоци се носи по препорака на Агенцијата за заштита на лични податоци и ќе се однесува за редовното работење на ДИК, при обработка на лични податоци.
На дневниот ред на денешната седница на Комисијата се најдоа сет точки што се однесуваат за заштита на личните податоци во ДИК и кои беа едногласно усвоени, а се работи за предлог-правилник за одлучување за избор на обработувачи на лични податоци, предлог-правилник за физичка безбедност на просторијата со ограничен пристап во ДИК, Предлог-план за едуцирање на раководство и овластените лица за непосредните обврски и одговорности за заштита на личните податоци и предлог-интерна процедура за префрлање и обработка на лични податоци од избирачки список од МВР во ДИК и Процедурата за контрола на документирани информации.
Изборите во Општина Маврово-Ростуше и Општина Центар Жупа ги распиша претседателот на Собранието Талат Џафери на 4 февруари годинава, а првиот круг од изборите е закажан за 17 април 2022 година.