Според него, целта е да се има позитивна комуникација и затоа се формирани работните групи кои отвораат можности и проекти за соработка и зближување во повеќе области
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ е дециден дека интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштитат македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но главен стремеж на земјава, нагласува, се и преговорите со ЕУ.
Во утринското гостување на Канал 5, Маричиќ се осврна и на Договорот од Преспа чии придобивки, како што оцени, се гледаат на дело, а Грција стана наш поддржувач во ЕУ.
„Интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштитат македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но интерес ни е и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Сметам дека низ дијалог можеме и двата интереса да ги исполниме“,
рече вицепремиерот.
Тој додаде дека двајцата нови премиери на Северна Македонија и Бугарија покажуваат желба со нова енергија и врз основа на научените лекции од изминатите години да се најде решение за сите отворени прашања.
„Ние јасно и јавно сме ги кажале нашите позиции. Собранието утврди Декларација поддржана од сите партии, кажуваме дека македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори. За другите прашања, кои се грижа на Бугарија, ние сме подготвени да разговараме“,
нагласи Маричиќ.
Според него, целта е да се има позитивна комуникација и затоа се формирани работните групи кои отвораат можности и проекти за соработка и зближување во повеќе области.
Во однос на Грција, Маричиќ потенцира дека веќе бележиме зголемена трговија, повеќе патувања и поголема соработка.
„На дело се гледа придобивката од Договорот од Преспа. Грција од 2019 година лобира за нас. Ако ги следиме дискусиите во Брисел, тие постојано ја промовираат нашата евроинтеграција и притискаат да почнеме преговори. Токму и тоа е суштината на Договорот. Очекувам истото да го прави и Бугарија откако ќе ги затвориме отворените прашања и ќе продолжиме како пријатели. Мислам дека е најдобро преку конкретни чекори да согледаме која е придобивката од затворањето на отворените прашања со соседите. Сите останати алтернативи, освен ЕУ, се полоши за државата и дека евроинтеграциите се стратегиска цел на земјата уште од нејзиното формирање“,
смета вицепремиерот.