Од денеска до 11 март на полноќ граѓаните ќе можат да направат увид во Избирачкиот список преку апликацијата на веб-страницата на Државната изборна комисија www.sec.mk и во нивните подрачни канцеларии. Исто така, денеска почнува и рокот за собирање потписи на група граѓани во подрачните канцеларии на Комисијата и од оваа година пред овластен нотар.
Од Државниот завод за статистика до ДИК е доставен преработениот Избирачки список, во кој во моментот се запишани еден милион осумстотини седумнаесет илјади и 28 запишани во Избирачкиот список, или 9 000 повеќе од лани.
„Сега на Избирачки список ќе се најдат сите граѓани што на денот на гласање, 12 април, ќе имаат наполнето 18 години и ги исполнуваат другите услови и имаат државјанство и постојано живеалиште во нашата држава и од тие причини МВР ги доставува до нас и тие списоци. Граѓаните што во меѓувреме вадат, променуваат лични документи исто така ќе бидат доставени до нас како ДИК за да можеме и ние евентуално да интервенираме, за запишување, промена на податоци итн.“,
изјави вчера претседателот на ДИК Оливер Деркоски.
Тој предупреди дека доколку немаат важечки лични документи граѓаните нема да може да гласаат.
„Како ДИК ќе направиме максимални напори на сите граѓани да им овозможиме да го остварат своето право на глас, но не можеме да дозволиме без какви било документи да се извршува гласањето“,
истакна Деркоски, кој ги повика околу 38 000 лица што не ги подигнале своите лични документи во МВР да го сторат тоа бидејќи без нив нема да можат да гласаат на предвремените парламентарни избори на 12 април.
Деркоски информира дека оваа година се прави обид да гласаат и над 2 500 возрасни лица сместени во државните и приватните старски домови. ДИК до МТСП испратила барање за добивање податоци за сите лица згрижени во установи, како што се старските домови низ државата. ДИК ќе организира пријавување кој сака да гласа за да направи посебни изводи од Избирачкиот список и ќе организира избирачки одбори што ќе го спроведат гласањето во тие старски домови.
Јавниот увид на 26 февруари започнува и за дијаспората. ДИК преку МНР ги доставува до ДКП и конзуларните канцеларии посебните извори од Избирачкиот список за лицата на привремена работа или престој во странство врз основа на евиденцијата од надлежен орган, за ставање на јавен увид. Барањето за запишување, дополнување или бришење на податоците за време на јавниот увид, државјаните на РСМ го поднесуваат преку апликацијата со лична електронска пошта до ДИК.
Од денот на распишувањето на изборите до завршувањето на јавниот увид државјаните на РСМ што се на привремена работа или престој во странство можат да достават пријава своерачно потпишана или испратена преку апликацијата со лична електронска пошта со која се пријавуваат за гласање на претстојните избори.
Од денеска почнува и собирањето потписи за предлагање кандидати за пратеници.
„Доколку има заинтересирана група граѓани кои сакаат да соберат илјада потписи може да поднесат своја кандидатска листа. Измени има освен што во канцелариите на ДИК, потписите ќе можат да ги собираат и пред овластени нотари. Доколку се одлучат да собираат пред овластени нотари, ќе мора да ги пријават нотарите до ДИК за да можеме да ги објавиме во јавноста и на нашата веб-страница за граѓаните да бидат поупатени каде, во која општина, кој нотар може да се искористи за депонирање на потписи и притоа морам да напоменам трошоците за ова ќе си ги поднесат самите кандидати кои ги собираат тие потписи. Канцелариите на ДИК се отворени од 9 до 19 часот и последниот ден на истекот ќе бидат отворени 24 часа“,
истакна Деркоски.
Во однос на собирањето потписи, секој избирач својот потпис може да го даде за повеќе листи на кандидати за пратеници. Избирачите кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на изборната единица, општината, односно Град Скопје.
Собирањето потписи пред овластено лице од дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии за предлагање листа на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија од група избирачи започнува исто така в среда и завршува на 6 март на полноќ.
Листите на кандидати за пратеници во Собранието овластените претставници на предлагачите ги доставуваат до ДИК и тоа најдоцна до 12 март на полноќ.