Од кабинетот на Џафери претходно соопштија дека парламентот не може да избере судии бидејќи има опструкции во работата на собраниската Комисија за избори и именувања
ВМРО-ДПМНЕ сака прво да ги види имињата кои ќе бидат предложени за уставни судии, па потоа ќе каже дали се прифатливи за нив. Ако партијата смета дека тоа се партиски и политички решенија, Уставниот суд и понатаму ќе остане само со пет судии од предвидените вкупно девет.
„ВМРО-ДПМНЕ нема против предлози кои се компетентни и стручни во својата област. Останува да проследиме кои се тие експерти од уставното право кои ќе бидат предложени. Ако се партиски и политички решенија како што е самата Кацарска сосема е јасно дека нема да бидат прифатени. Потребни се решенија за кои ќе има заедничка согласност дека се квалитетни и професионални“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ставот од опозициската партија за изборот на уставните судии следува откако претседателката на Уставен, Добрила Кацарска, испрати писмо до Собранието изразувајќи загриженост за состојбата и побара Талат Џафери да го заложи својот авторитет и во најкусо време да се изберат четворица уставни судии.
Од кабинетот на Џафери, пак, соопштија дека парламентот не може да избере судии бидејќи има опструкции во работата на собраниската Комисија за избори и именувања.
„Имајќи предвид дека се опструира работата на Комисијата за избори и именувања, преку изигрување процедура и примена на методи што претседателот на Собранието ги има елаборирано пред јавноста, предлозите на членовите на Комисијата не може да добијат зелено светло за истите да бидат разгледани на пленарна седница. И во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд“,
рекоа од кабинетот на Џафери.