Моменто нема докази дека која било вакцина предизвикува проблеми со плодноста кај жените или мажите, се наведува во извештај на ИЈЗ
Вакцинацијата против ковид-19 се препорачува за трудници. Сите што имаат 18 години и се постари од 18, вклучително и оние што се бремени, кои дојат, се обидуваат да забременат сега или планираат во иднина, треба да бидат целосно вакцинирани. Вакцината може да заштити од сериозни (тешки) компликации при заболување со ковид-19, а здравата мајка е важна за здраво бебе, се вели во извештајот што денеска го објави Институтот за јавно здравје.
Ако жената забремени откако ја добила првата вакцина против ковид-19, треба да ја прими и втората вакцина за да добие што е можно поголема заштита. Пред вакцинација против ковид-19 во бременоста се препорачува задолжителна консултација со матичниот гинеколог, во врска со процената на возраст на пациентката, потоа гестациската старост на плодот и секако претходни индивидуални здравствени состојби, ризици и заболувања.
Потребно е да се знае дека трудниците имаат поголема веројатност да се разболат од ковид-19 со последици и затоа се препорачува на жени што планираат да забременат во иднина, се бремени или, пак, се доилки. Бремените жени можат да примат засилувачка доза, а доказите за безбедност и ефективност на вакцината против ковид-19 за време на бременоста растат. Моменто нема докази дека која било вакцина предизвикува проблеми со плодноста кај жените или мажите, се наведува во извештајот на ИЈЗ.
Раните податоци за безбедноста на примањето на вакцина против mRNA („Модерна“ или „Фајзер“) за време на бременоста се смирувачки. Податоците од системите за следење на безбедност не откриваат никакви грижи и сомнежи за жени кои примиле вакцина против mRNA ковид-19 доцна во бременоста или за нивните бебиња. Научниците не откриле зголемен ризик за спонтан абортус кај жените кои примиле вакцина против mRNA ковид-19 непосредно пред и за време на раната бременост (пред 20. недела од бременоста).
Центарот за контрола на болести (CDC) постојано ги следи и ќе продолжи да ги следи жените вакцинирани во текот на сите триместри од бременоста за подобро да се разберат ефектите врз бременоста и бебињата, велат од ИЈЗ.
Вакцинацијата за време на бременоста создава антитела кои би можеле да го штитат бебето. Потребни се повеќе податоци да се утврди како овие антитела, слични на оние произведени и од други вакцини можат да обезбедат заштита на бебето.
Ретко можат да се појават несакани ефекти по примањето на која било од достапните вакцини за ковид-19, особено по втората доза на вакцина. Жените кои се бремени не пријавиле различни несакани ефекти од жените кои не се бремени и другите вакцинирани луѓе („Модерна“ или „Фајзер“).
Некои луѓе имаат несакани ефекти од вакцината, што се нормални знаци дека нивното тело гради заштита. Овие несакани ефекти можат да влијаат на нивната способност да вршат секојдневни активности, но тие треба да исчезнат за неколку дена. Некои луѓе немаат несакани ефекти, а алергиските реакции се ретки. Несаканите ефекти кои можат да предизвикаат долгорочен здравствен проблем се крајно невообичаени по каква било вакцинација, вклучително и вакцинација противковид-19. Ако се појават негативни ефекти, тие вообичаено се случуваат во рок од 6 недели од примање на доза на вакцина, велат од ИЈЗ.