Браќата Кличко, и двајцата поранешни шампиони во бокс од кои едниот сега е градоначалник на Киев, денеска присуствуваа на отворање центар за прием на одбранбени сили во главниот украински град

Поранешниот светски шампион во бокс во тешка категорија, Владимир Кличко, се пријави во резервниот состав на украинската армија порачувајќи дека љубовта кон неговата земја го натерала на овој чекор.
Пред неколку дена, и неговиот брат Виталиј Кличко, кој исто така е поранешен шампион во бокс, а сега градоначалник на Киев, порача дека во случај на руски напад врз Украина активно ќе учествува во одбраната на својата земја.
„Еден блок од овде моето девојче оди во училиште. Тоа во моментов е затворено бидејќи амбасадорите ги испратија своите семејства дома. Љубовта кон градот, домот, семејството, соседите, кон мојата ќерка денеска ме донесоа овде за да преземам иницијатива и да учествувам во одбраната на територијата на мојата земја“,
изјави Владимир Кличко кој заедно со неговиот брат присуствуваше на отворање центар за прием на одбранбени сили во Киев.
Виталиј Кличко, пак, порача дека преферира дипломатско решение со Русија, но ако не дојде до тоа тогаш, рече тој, ќе мора да се земе оружје во рака и да се брани земјата.
Украина се подготвува за евентуална воена одбрана, откако Русија последните неколку недели испрати десетина илјади руски војници во близина на украинската граница иако официјална Москва тврди дека не планира инвазија.