На 20 и 22 декември, од пошта во Прилеп и на 17 јануари од пошта во Битола, С.З. ги испратил писмата како препорачани пратки и притоа како испраќачи навел лица со невистинити податоци
Тој е приведен и против него е поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста, казниво по член 144 од КЗ
Лицето што испрати писмени закани по живот до јавните обвинители Љубомир Јовески и Вилма Русковска е 56-годишниот С.З. од Битола, соопшти предмалку МВР.
Тој е приведен и против него е поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста, казниво по член 144 од КЗ.
На 20 и 22 декември 2021 година С.З., преку редовна пошта од АД „Пошта на Северна Македонија“ – подружница ЦРПС Прилеп, испратил писма со сериозни закани по животот на Русковска, а на 17 јануари оваа година преку редовна пошта од АД „Пошта на Северна Македонија“ – подружница ЦРПС Битола, пријавениот испратил писмо со сериозни закани по животот на Љубомир Јовески.
Во обата случаи како испраќач на сите писма пријавениот навел лица со невистинити генералии.
Веднаш по добиените пријави, полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал и СВР Битола, во соработка со Агенцијата за национална безбедност, презедоа мерки и активности за расчистување на случајот, се наведува во соопштението на МВР.
Полицијата на 21 јануари 2022 година извршила претреси на две локации на подрачјето на Битола, и тоа во домот на С.З. и во домот на неговата мајка Љ.З., а при извршените претреси се пронајдени и одземени мобилен телефон, лаптоп-компјутер и предмети поврзани со кривичното дело.
„Заканувачот е лишен од слобода, а по разговорот со него и по извршеното графолошко вештачење од страна на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења, утврдено е совпаѓање на обезбедениот рачен ракопис од него и рачниот ракопис во напишаните заканувачки писма. С.З. е приведен и со кривичната пријава ќе биде предаден на надлежното обвинителство“,
соопштија од МВР.
Минатата недела беше објавено дека обвинителот Јовески добил заканувачко писмо напишано на македонски и на англиски јазик во кое се бара ослободување на двајца новинари од ТВ Алфа од кривично гонење или во спротивно му се закани на јавниот обвинител со убиство.
„Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи. Ние сме терористичка организација која се бори и убива за неправди и исто така сме подготвени да гинеме за неа“,
се наведуваше во писмото до Јовески.
Обвинителот Љубомир Јовески тогаш изјави дека ниту една закана, вклучувајќи ја и оваа по живот, нема да го поколеба да работи професионално и одговорно во примена на законите.
Инаку, постапката што се водеше за двајцата новинари е запрена во декември минатата година бидејќи е утврдено дека нема причина за гонење од страна на јавен обвинител.
За новинарите Момировски и Милосављевиќ до Обвинителството беше поднесена кривична пријава од Агенцијата за разузнавање во врска со наводи за безбедносни и разузнавачки структури изнесени во емисијата „Заспиј ако можеш“ емитувана на ТВ Алфа на 11 јануари 2021. Тие во ноември лани беа повикани и да дадат исказ. Меѓутоа, веќе наредниот месец предметот, според соопштението од Обвинителството, бил запрен бидејќи надлежниот обвинител сметал дека нема место за јавнообвинителско постапување.