И во Германија и во Шпанија сертификатите за вакцинација со две дози отсега ќе важат само девет месеци. По истекот на овој период, потребна е и трета доза
Македонските граѓани кои ќе сакаат да влезат во Германија ќе мора да имаат сертификат за вакцина со две дози од признаена вакцина од Европската агенција за лекови (ЕМА) или од Германија со важност од девет месеци наместо досегашните 12 месеци, соопштија од Министерството за надворешни работи согласно препораките од Европската комисија.
Сертификатот за вакцинација со три дози признаена вакцина од Германија засега ќе имаат неограничена важност.
Од МНР посочуваат дека патниците при влез ќе треба да ја имаат предвид важноста на нивниот сертификат со цел да не им биде одбиен влез.
Слични се условите за влез и во Шпанија односно сертификатот за вакцинација со две дози важи 270 дена (околу девет месеци).
„Во Шпанија, според новите правила, се прифаќаат потврдите за извршена имунизација со две дози вакцини од надлежните органи на Република Северна Македонија, доколку се поминати 14 дена од датумот на прием на втората вакцина и доколку не поминале повеќе од 270 дена од датумот на прием на втората вакцина. По истекот на рокот од 270 дена, сертификатот за имунизација издаден од надлежниот орган на земјата на потекло мора да содржи доказ за прием на трета (booster) вакцина“,
пишува во соопштението од МНР.
Шпанските власти соопштуваат дека влез со ПЦР или NAAT-тестови ќе биде дозволен само за патници кои имаат соодветна шпанска виза или дозвола за престој во Шпанија. Сертификатите за имунизација со две вакцини кои не се признаени од СЗО и ЕМА ќе се прифаќаат само ако третата примена вакцина е признаена од страна СЗО и ЕМА.
Photo: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI