„ВМРО-ДПМНЕ, по неуспешниот обид за државен удар заедно со Левица, Беса и Алијанса, не може да ги надмине емоциите и наместо да нуди решенија и предлози до граѓаните на Северна Македонија, нудат лаги и измами“, велат од ДУИ
Реакциите на ВМРО-ДПМНЕ се јасен показател за целта на овој политички субјект против Албанците на чело на државните институции. Токму во време кога земјата бележи значителен напредок во процесите за деблокирање на нејзиниот пат кон ЕУ, во која кадрите на ДУИ се ангажирани со целосен легитимитет од народот, велат од ДУИ како реакција на ставот на ВМРО-ДПМНЕ со кој го окарактеризираа лидерот Али Ахмети како дволичен, откако, пак, тој објави видео на социјалните мрежи, каде што напиша дека ДУИ години наназад е напаѓана од двата најголеми политички табори.
Во соопштението се вели оти на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ѝ пречи посветеноста на ДУИ за градење добрососедски односи со земјите од регионот, па затоа „има тенденција да фрла прашина на докажаната проевропска зелена агенда за развој на државата преку пласирање неосновани обвинувања“.
„Овие медиумски изјави на ВМРО-ДПМНЕ се бледа копија на кампањата на СДСМ пред неколку години со ист вокабулар и со иста цел“,
вели во соопштението ДУИ.
Оттаму додаваат оти ДУИ води транспарентни политики за развој на државата, со конкретна и докажана програма за добро владеење, а ВМРО-ДПМНЕ, како што се посочува, мора да научи и да ја прифати реалноста за рамноправното вклучување на Албанците.
„Времињата на политики против Албанците, против соседите, против НАТО и ЕУ никогаш не можат да се вратат во нашата земја. ВМРО-ДПМНЕ, по неуспешниот обид за државен удар, заедно со Левица, Беса и Алијанса, не може да ги надмине емоциите. И наместо да нуди решенија и предлози до граѓаните на Северна Македонија, нуди лаги и измами. Ќе продолжиме да се бориме за доброто на нашите граѓани обезбедувајќи подобар квалитет на живот, иницирајќи проекти за зајакнување на економијата и подобрување на животот на нашите граѓани на кои им служиме“,
додаваат од ДУИ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го окарактеризиираа како дволичен лидерот на ДУИ, Али Ахмети, велејќи „кога Али Ахмети сака да им се допадне на странците се откажува од Косово, а кога краде тендери со СДСМ станува загрижен патриот и зборува за Косово“, откако синоќа лидерот на ДУИ објави видео со изјави од претставници на двете најголеми партии од македонскиот блок против интегративците.