Со изборот на Ковачевски за премиер, а на Петровска за министерка за одбрана, автоматски се модифицира составот на Советот со кој раководи шефот на државата
Со двајца нови члена почна денешната седница на Советот за безбедност – прва што ја свика претседателот Стево Пендаровски, по изборот на новата влада.
За премиерот Димитар Ковачевски и за министерката за одбрана Славјанка Петровска ова е прво учество на седница на Советот за безбедност, со кој раководи шефот на државата, а тие се членови по функција.
Со изборот на Ковачевски за премиер, а на Славјанка Петровска за министерка за одбрана, кои доаѓаат на местата на Зоран Заев и на Радмила Шекеринска, автоматски се модифицира составот на Советот, во кој членови по функција се и министрите за внатрешни работи (Оливер Спасовски) и за надворешни работи ( Бујар Османи), како и претседателот на парламентот (Талат Џафери).
За надворешни членови на Советот за безбедност Пендаровски ги избра Ненад Марковиќ – професор на Правниот факултет во Скопје; Ветон Љатифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ и Трајан Гоцевски – поранешен министер за одбрана и универзитетски професор.
Пендаровски ја свика седницата на Советот најавувајќи дека на неа ќе биде разгледана актуелната политичка и безбедносна состојба во регионот и пошироко.