Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но и поранешниот претседател на СДСМ и премиер, Зоран Заев, се дел од лицата чиј изјави се најдоа во видеото што го објави Ахмети, посочувајќи дека со години наназад разни актери континуирано ја напаѓаат ДУИ за да ги постигнат своите дневно-партиски цели
Кога Али Ахмети сака да им се допадне на странците се откажува од Косово, а кога краде тендери со СДСМ станува загрижен патриот и зборува за Косово, е дел од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ откако синоќа лидерот на ДУИ објави видео со изјави од претставници на двете најголеми партии од македонскиот блок против интегративците.
„Секогаш кога Али Ахмети сака да ѝ се допадне на меѓународната заедница, се откажува од Косово и ја фали иницијативата на Србија ‘Отворен Балкан’, каде што Косово не се споменува, и измислува зелена агенда. А секогаш кога треба да поминат тендерите и милионите во РЕК и ‘Осломеј’, Ахмети станува загрижен патриот и зборува за Косово. Ахмети не треба да се чуди зошто ДУИ ја обвинуваат за корупција. Освен тоа што треба да си провери во орманот за струја, каде што има диво приклучен кабел, треба да ги провери и кадрите кои 20 години се извор на криминал и корупција“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата ја споменуваат и зелената агенда, со која ДУИ се претстави како ребрендирана партија пред локалните избори во октомври лани, и велат дека таа, заедно со темата за етничките права, интегративците ја измислуваат само да ги покријат моментите кога крадат од народот.
„И колку повеќе ДУИ и СДСМ сложно крадат, толку народот е посиромашен. Од набавката на мазутот на Крешник Бектеши до милионски тендери за РЕК на Ковачевски кои државата ја оставија без струја. Функционерите на ДУИ и на СДСМ не смеат да бидат феудалци кои се недопрени од закон, кои се богатат на грбот на сите граѓани на Македонија“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но и поранешниот претседател на СДСМ и премиер, Зоран Заев, се дел од лицата чиј изјави се најдоа во видеото на Ахмети. Покрај видеообјавата, Ахмети пишува дека со години наназад разни актери континуирано ја напаѓаат ДУИ за да ги постигнат своите дневно-партиски цели.