Терапијата е наменета за лица што се позитивни на вирусот и се со лесни симптоми, но поради здравствени причини спаѓаат во ризична категорија граѓани
Лицата над 18 години во Грција, кои се позитивни на коронавирусот со лесни симптоми и не се хоспитализирани, но поради здравствени причини спаѓаат во ризична категорија граѓани, ќе можат да ја примат првата орална терапија против ковид-19.
Според соопштение од грчкото Министерство за здравство и дигитална политика, лекот ќе им биде доставен на пациентите до дома и ќе се прима во домашни услови, откако претходно преку матичниот лекар ќе достават барање за примање на терапијата. Матичниот лекар, пак, поднесува барање со податоците на пациентот, веднаш по позитивниот резултат, по што во рок од 24 часа стигнува одговор по разгледаното барање од надлежната комисија.
Доколку терапијата биде одобрена, на специјална интернет-платформа пациентот пополнува податоци и за помалку од 48 часа од одобреното барање ќе му биде доставен лекот со упатство за користење.
Терапијата е наменета за лица што имаат трансплантација на органи или се на листа на чекање за трансплантација, лица подложени на дијализа, пациенти со рак и биле подложени на третман во последната година, лица со ХИВ-инфекција, лица со хронична бубрежна болест, со дијабетес, со кардиоваскуларни болести, но и во случај на појавување епидемија во домови за стари лица.