Од следниот понеделник, ќе престане да важи сертификатот за вакцинација на сите полнолетни граѓани кои се вакцинирале пред седум месеци, а сè уште не примиле трета доза и автоматски ќе се сметаат за невакцинирани
Невакцинираните здравствени работници во Грција кои веќе неколку месеци се на принуден одмор поради воведената задолжителна вакцинација, можно е по 31 март, кога и истекува конкретната одлука, да останат без работа, според министерот за здравство на Грција, Танос Плеврис, јави МИА од Атина.
Плеврис, во интервјуто за грчката телевизија „Скај“ објасни дека на 31 март истекува мерката здравствените работници кои не се вакцинирани да бидат на принуден одмор, а дотогаш одново ќе се разгледа, дали ќе се продолжи истата мерка или, пак, ќе се донесе одлука да не бидат дел од здравствениот систем.
„Како министер излегов со став и препорачав оние што не се вакцинирани, по 31 март, не само да останат на принуден одмор, туку треба и да не можат да ги даваат нивните услуги на националниот здравствен систем. Но, очигледно тоа ќе биде одлука на централната власт. Ако предлогот за кој говорам биде прифатен, тоа значи дека невакцинираниот здравствен работник нема да има основна формална квалификација да ја дава услугата и автоматски, не станува збор за отказ, туку самиот се става надвор од националниот здравствен систем. Друго решение не постои“,
рече министерот за здравство на Грција.
Во однос на засилувачката доза и дали таа ќе биде задолжителна за здравствените работници, Плеврис рече дека не постои никаква законска одредба ниту, пак, Владата има намера да го поврзе непримањето на третата доза со прекин на работата.
Сепак, од следниот понеделник, ќе престане да важи сертификатот за вакцинација на сите полнолетни граѓани кои се вакцинирале пред седум месеци, а сè уште не примиле трета доза и автоматски ќе се сметаат за невакцинирани.