Николовски истакна оти благодарение на Иницијативата „Отворен Балкан“ повеќе нема да има застој на граничните премини, а македонските производи за само неколку часа ќе бидат низ макетите во Србија. Тој ги повика и останатите земји од регионот да се приклучат кон Иницијативата „бидејќи овие иницијативи го движат и економски го унапредуваат целиот регион“
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, денеска го посети царинскиот и дистрибутивен центар во Белград како и саемот „Арго Белград 2022“ каде ги потенцираше придобивките од Иницијативата „Отворен Балкан“, заедно со министрите за земјоделство на Србија и Албанија.
Тој нагласи дека повеќе нема да има застој на камионите на граница, туку нивно директно упатување кон местото на истовар каде се врши единствена контрола и се признаваат нашите акредитирани анализи и за само неколку часа производите се низ маркетите во Србија.
„Може да констатираме од она што го видовме на граничниот премин Табановце и на царинскиот склад крај Белград, дека македонскиот ајвар, македонските производи се извезуваат за само неколку часа во Србија, на полиците на маркетите овде во Белград. Само неколку часа се потребни за сите процедури на граничните премини и другите административни формалности и тука го гледаме ефектот од потпишаните меморандуми и договори од „Отворен Балкан“, како функционира на дело“,
изјави министерот Љупчо Николовски.

Според Николовски, целта е зголемување на извозот и на размената, која само во поглед на земјоделските производи во трите земји од „Отворен Балкан“ изнесува триста милиони евра.
Зборувајќи за придобивките од „Отворениот Балкан“, српскиот министер за земјоделство Бранислав Недимовиќ изјави дека за храната веќе нема граници и како пример го посочи авјарот кој вчера бил испратен од Северна Македонија во Србија, а веќе денеска се очекува да се најде на српските пазари.
Министерот Николовски потенцираше дека за Северна Македонија, Србија и Албанија од особено значење ќе биде и другите земји од регионот да се приклучат кон иницијативата „Отворен Балкан“, бидејќи овие иницијативи го движат и економски го унапредуваат целиот регион.