Александар Џамбазов беше македонски диригент и композитор, автор на голем број детски песни и иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје, а за својата работа има добиено над 40 признанија во Македонија и Југославија
Македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов денеска почина на 85-годишна возраст, а веста за неговата смрт ја потврди неговиот син, актерот Игор Џамбазов.

„Си замина нашиот МАЕСТРО, тивко и нечујно, како што живееше во последните 25 години… од денес, конечно со својата Анче… вечен нека ни е споменот на тебе, маестро мој…“,
се вели во објавата на инстаграм-профилот на Игор Џамбазов.
Александар Џамбазов беше македонски диригент и композитор, автор на голем број детски песни и иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца, „Златно славејче“ во Скопје.
Пишувал сценска музика и филмска музика („Мементо“, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“ итн.) и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.
За својата работа Џамбазов има добиено над 40 награди и признанија во Македонија и Југославија, меѓу кои и државната награда „11 Октомври“ и наградата на Град Скопје „13 Ноември”.
Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.