Обвинението опфаќа набавки околу два софтвери – за сообраќајни прекршоци и за биометриска идентификација, а исто така и исплата на хонорари од коишто, според обвинителството, ексгенералниот секретар дел зел за себе. Рашковски се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари
Од домашна адреса до Основниот кривичен суд во Скопје утрово со полициска придружба треба да биде спроведен ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, за да почне судскиот процес против него и уште шест обвинети.
Рашковски ќе седне на обвинителна клупа како обвинет за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари.
Случајот за Рашковски го отвори „360 степени“ откако во март лани објавивме дека Генералниот секретаријат на Владата додека со него раководеше Рашковски купил софтвер за сообраќајни прекршоци вреден 81 000 евра, иако ни една институција ниту го барала ниту го користи, како и дека пред да го купи како генерален секретар на Владата, тој лично развил таков софтвер за сообраќајни казни и го патентирал.
Рашковски тврдеше дека софтверот треба да биде дел од т.н. „Сејф сити“, но единствената институција со право да казнува, Министерството за внатрешни работи, брзо ја урна тезата на Рашковски со ставот дека ниту барале ниту планираат да го користат софтверот за кој никој не ги прашал.
Набргу потоа Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистрага, а потоа и истрага. Во истрагата беа споени и други предмети, а на 8 октомври лани беше поднесено обвинение. Кривичен го прифати во целост обвинението на 29 декември 2021. По ова следуваше распоредување на предметот според АКМИС системот – кај судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, која потоа го закажа и првото судско рочиште за денеска.
Што содржи обвинението
Според соопштението кое Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го објави дента на поднесување на обвинението, случајот за Рашковски опфаќа активности околу два софтвери: едниот за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци и еден за биометриска идентификација. Конкретно, опфатени се четири набавки и тоа на: систем за биометриска идентификација; софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни; ANPR-камери за препознавање регистарски таблички за возила; и на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.
Рашковски е првообвинет и му се става на товар дека во периодот од јуни 2017 до февруари 2021 како генерален секретар извршил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и кривично дело перење пари. Второ и третообвинетиот, како негови надворешни соработници, според Обвинителството, со умисла му помагале во повеќекратното извршување на кривичното дело злоупотребата на службената положба, четвртообвинетиот – сопственик и управител на фирма, пак, му помагал во една јавна набавка. Исто како и четвртообвинетиот, и другите обвинети се гонат за по едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања.
Обвинителството тврди дека Рашковски давал насоки за изготвување на документацијата за тендерите за да упатуваат на конкретен патент и со учесниците во набавката комуницирал лично.
„Првообвинетиот јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17 474 137 денари (околу 284 000 евра)“,
соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција при поднесување на обвинението.
Во обвинението влегуваат и склучување авторски договори со шесто и седмообвинетиот. Обвинителството тврди дека, иако поранешниот генерален секретар иако знаел дека тие не ги извршуваат работните задачи, тој им исплаќал месечни хонорари, а тие потоа дел од парите му ги враќале во кеш.
На таков начин од буџетот биле „испумпани“ 1 320 000 денари (околу 21 500 евра).
Оттука доаѓа и пресметката на Обвинителство дека, вклучувајќи ги и овие пари, заедно со тендерите, штетата што му била нанесена на буџетот изнесува 18 794 137 денари (околу 305 600 евра).
Според тогашното соопштение на Обвинителството, истрагата покажала и дека од јуни 2017 до почетокот на мај 2021, Рашковски пуштил во оптек 5 378 319 денари (87 500 евра), а за кои се тврди дека потекнуваат од кривично дело.
„Со намера да го прикрие потеклото на паричните средства во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити“,
рекоа од Обвинителството.
