Нападот, според првичните информации, се случил во една од предавалните на универзитетот, а напаѓачот користел огнено оружје
Во германскиот универзитетски град Хајделберг рано попладнево е извршен вооружен напад во областа на универзитетот, при што се ранети четири лица, а една од жртвите е во животна опасност, изјавија безбедносни извори за ДПА.
Тамошната полиција соопшти оти напаѓачот е мртов.
Нападот, според првичните информации, се случил во една од предавалните на универзитетот, а напаѓачот користел огнено оружје.
Областа во населбата Нојенхајмер Фелд е блокирана, а полицијата ги повикува граѓаните да се држат настрана од овој дел од градот во кој се наоѓаат зградите на факултетите за природни науки на Универзитетот во Хајделберг.
Универзитетот Хајделберг, основан во 1386 година, е најстариот универзитет во Германија и, исто така, е еден од најстарите во Европа, со повеќе студентски кампуси. Во овој град живеат околу 160 илјади лица.