Ковачевски објасни зошто ги задржал сите кадри на втората партија во владината коалиција, наспроти кадровските резови во ресорите на СДСМ
Новиот премиер Димитар Ковачевски рече дека е задоволен од соработката што ја имал со министрите на ДУИ додека беше заменик-министер за финансии, дообјаснувајќи ја одлуката да ги остави во Владата сите кадри на вториот коалициски партнер.
„Луѓето со кои сум работел никогаш не сум ги делел на кадри од одредена политичка партија или од одредено време. Секогаш ги вреднувам врз основа на нивните професионални перформанси. Со министрите кои беа дел од владата, а сега се повторно дел од оваа Влада, имав соработка како заменик-министер за финансии и можам да кажам дека лично сум задоволен од перформансите на министрите од ДУИ кои ги предложив“,
изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање дали се согласува дека кадрите на ДУИ се незаменливи.
Новата Влада предводена од Димитар Ковачевски беше избрана вчера, а веќе денеска тој се сретна со претседателот Стево Пендаровски. Во дел од министерствата се одржа и примопредавањето на функциите.
Во новата влада позициите ги задржаа сите досегашни министри на ДУИ, освен Јетон Шакири кој ротира од МИОА на чело на Министерството за образование.
Промените во новата влада, главно се кај кадрите на СДСМ, каде што има две ротации, а од Владата заминаа шестмина досегашни министер од главната владејачка партија.
