Во земјава во моментов престојуваат 579 авганистански граѓани, а веќе заминаа 141 на кои траен престој им обезбедија повеќе држави низ светот

На Меѓународниот аеродром Скопје денеска пристигна група од 67 граѓани на Авганистан кои добија привремен престој во земјава, соопштија од Владата.
Станува збор за лица вработени во организациите Национален демократски институт (NDI) и Националната фондација за демократија (NED) и членови на нивните семејства.
„Продолжувајќи ја својата активна улога на солидарна земја, Северна Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава. Ова е дел од меѓународната операција за помош на демократското авганистанско население кое е во опасност од талибанските власти. По слетувањето беше спроведена стандардната процедура со безбедносна проверка и заштита и ПЦР тест. Цивилите ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од меѓународните организации“,
велат од Владата.
Во земјава во моментов престојуваат 579 авганистански граѓани, а веќе заминаа 141 на кои траен престој им обезбедија повеќе држави низ светот.
