Претседателот за занаетчиската комора на РСМ, Агрон Фазлији, истакна дека фризерско-козметичарската дејност, кројачката дејност, дејноста за производство на бели печива и бурекчилниците се во категоријата на помошни дејности и би можеле да работат согласно ставот „дејноста за подготовка на оброци и служење храна“
Дел од занаетчиите, особено оние што нудат услуги поврзани со свечености (фризери, бербери, козметичари), укажуваат дека одредбите од Законот за недела неработен ден се нејасни и бараат надлежните да ги разгледаат и допрецизираат измените за дополнување на Законот.
Според претседателот за занаетчиската комора на РСМ, Агрон Фазлији, револтот што се јавува кај одредени услужни дејности е оправдан, затоа што се спречени во нивната работа и покрај гаранциите дека ќе го почитуваат Законот и одредбите кои произлегуваат од него.
„Законот и одредбата на законот не се јасни затоа што во еден од ставовите на законот се вели: „дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите од овој став врз основа на склучен договор со работодавецот од дејностите од овој став и работни места од други дејности кои не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот“,
вели претседателот на занаетчиската комора на РСМ, Агрон Фазлији.
Според Фазлији, овој став од Законот треба да се појасни и да се прецизира затоа што ако како што вели „ако дозволува работа на креативни дејности, угостителски дејности, дејности за видео и телевизиска програма, дејности за подготовка на оброци и служење на храна, тоа се автоматски дејностите кои треба да работат во нашата фела, опфатени се со став и имаат карактер на помошни и придружни дејности за непречено извршување на основната дејност на работодавецот“.
Тој додаде дека фризерско-козметичарската дејност, кројачката дејност, дејноста за производство на бели печива и бурекчилниците се во категоријата на помошни дејности и би можеле да работат согласно ставот „дејноста за подготовка на оброци и служење на храна“.
„Затоа бараме правно читање на Законот и на овие дејности да им се овозможи да работат непречено во недела, почитувајќи ги сите законски одредби кои произлегуваат од Законот за неработен ден недела“,
истакна Фазлији.
Од Комората стравуваат дека ако не се допрецизира Законот, тогаш само ќе се поттикне сивата економија.