Вицепремиерот во заминување вели дека имал сериозна битка внатре во Владата во последната година околу дефинирањето на националните позиции во спорот со Софија и оти таа битка во два наврати кулминирала. Понудата за амбасадор во Вашингтон, вели, не го изненадила бидејќи на тој начин не само што ќе го тргнеле од дома туку и ќе му го „врзеле зборот“ затоа што дипломатите додека се на должност немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома
Пред заминувањето од функцијата вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров свика прес-конференција порачувајќи дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија.
Тој рече дека нечиј интерес, и во земјата и надвор од неа, е тој да не биде дел од Владата, но и да не биде дома, поради што, како што истакна, добил понуда за амбасадорско место, што го одбил.
„Сакам да демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре, особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции. Значи, за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи“,
рече Димитров.
Битката, рече тој, во два наврати кулминирала за што јавноста не знае – еднаш во Брисел, еднаш во Скопје, и тогаш, посочи Димитров, јасно кажал дека нема да дозволи поставените граници да се поминат по каква била цена, а најмалку по цена на неговата позиција во Владата и потенцира дека со тоа дал до знаење дека со него внатре за некои работи едноставно нема разговор.
„Јас бев и целосно сум подготвен оваа битка да ја терам и понатаму, без разлика на позицијата или функцијата. Во мојата кариера во оваа работа сум сретнал многу влијателни луѓе кои немаа функција, а сум сретнал и такви кои се на позиција, ама немаат тежина, што вели нашиот народ ’не им врви зборот‘. Мојот збор ве уверувам дека врви и натаму, ама за тоа да биде така јас треба да сум дома, да сум тука, да сум активен, да сум гласен и да имам слобода да се борам за моите позиции и за мојата визија“,
рече вицепремиерот Димитров.
Тој нагласи дека затоа заедно со фактот што за неговите позиции немало простор во идната влада, не го изненадила и понудата да биде амбасадор во Вашингтон. Тоа, потенцира Димитров, не само што ќе го тргнало од дома, туку и ќе му го „врзело зборот“, затоа што, како што рече, дипломатите додека се на должност немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома.
„Кога го одбив Вашингтон, попат добив и друга понуда, да бидам амбасадор можеби во друга земја. Па, дури можеби и да изберам. Сфатив дека очигледно некој сака да не бидам дома, а со тоа и да ослабат гласовите кои се на линијата во преговорите за кои јас се борам. Интересот да ме нема инаку не е само домашен. Знаете дека многумина кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат од, како ме нарекоа, вирус поопасен од ковид. Но, како што кажав и тогаш, против вирусот на идеалите и принципите нема вакцина и токму овој обид да го нема мојот глас дома го прави мојот влог, мојот мотив да останам уште повеќе“,
рече Димитров.
Вицепремиерот вети дека будно ќе го следи процесот на преговори и целосно ќе се бори против лошо решение, а ќе поддржи достоинствено и европско решение.
„Јас така функционирам, за нештата што ви се важни и во личниот живот и во политиката нема попуштање. Ова прашање е мојата лична животна мисија. Апсолутна почит за македонскиот јазик како еднаков на сите европски јазици и европска интеграција потпрена на вистински европски столбови и критериумите – на Копенхашките критериуми“,
рече вицепремиерот на, како што напомена, последната прес-конференција како владин функционер.