Според досегашните податоци, овие земјотреси освен мала вознемиреност кај населението не предизвикале материјални штети, велат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека синоќа е регистрирана серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 130 километри јужно од Скопје во соседна Грција во околината на Лерин.
Првиот земјотрес кој се случил во 22 часот и 43 минути бил со Рихтерова магнитуда од 5.6 степени, а најсилно е почувствуван од населението во југозападниот дел на Македонија и тоа со интензитет од V-VI степени според Европската макросеизмичка скала. Во централниот дел од земјава е почувствуван со интензитет од IV степени, а во Скопје и околината со интензитет од III – IV степени.
Вториот почувствуван земјотрес бил во 22 часот и 53 минути со Рихтерова магнитуда од 4.2 степена, а е почувствуван од населението во југозападниот дел на земјава со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Според досегашните податоци, овие земјотреси освен мала вознемиреност кај населението не предизвикале материјални штети, велат од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Но, жителите на Битола од синоќа споделуваат фотографии на социјалните мрежи на кои се гледаат распукани тавани и ѕидови. Еден од нив е и министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
Некои ноќта ја минаа надвор од своите домови во страв од нови потреси.
Грчкиот Геодинамички институт, исто така, објави дека се работи за земјотрес со јачина од 5,3 степени, со фокусна длабочина од 14,1 км. Земјотресот се случил на 2 километри западно од Лерин.
Земјотресот ги вознемирил жителите, бидејќи бил многу силен и плиток, долго траел и бучел. Жителите на Лерин, според ЕРТ, побегнале од своите домови и излегле на улиците на градот.
Во следните 10 минути до 23.53 часот (по локално време) забележани се уште три сеизмички потреси, со јачина од 3,5 Рихтер на 19 километри западно северозападно од Лерин и на фокусна длабочина од 5 километри 3,5 Рихтер на фокусна длабочина од десет километри и 4,1 Рихтер исто така на длабочина од 10 километри, пренесуваат грчките медиуми.
Уште два нови земјотреса се почуствувани утринава во Битола, по серијата земјотреси со епицентар кај Лерин.