Од општинската организација на СДСМ реагираат на соопштение од Општината во кое се наведува дека во прв план е „интересот на граѓаните да им се обезбеди квалитетен, еколошки и безбеден јавен превоз, а не како во претходниот период да се води интерес за превозните компании, на штета на услугите кон граѓаните“
Максим Димитриевски, кој неодамна го почна вториот мандат како градоначалник на Куманово, според неговите доскорешни сопартијци од СДСМ, признава дека во изминатите години работел во интерес на приватни компании, наместо во интерес на граѓаните.
Од СДСМ – Куманово се јавија вечерва со реакција на соопштение од Општината во врска со јавниот превоз.
Во соопштението од Општина Куманово се наведува дека активно се работи на доделување лиценци за јавен превоз, во постапка која е во тек, при што, како што се наведува, во прв план е интересот на кумановци.
„При водење на постапката првин се зема интересот на граѓаните да им се обезбеди квалитетен, еколошки и безбеден јавен превоз, а не како во претходниот период да се води интерес за превозните компании на штета на услугите кон граѓаните. Во најкус можен рок, по целосна проверка на поднесените пријави за јавен превоз и утврдување на, пред се, еколошките и безбедносни параметри на возилата, кои се понудени од страна на превозниците, ќе бидат донесени и соодветни решенија и одлуки, со цел граѓаните на Куманово да добијат градски превоз, согласно сите европски стандарди“,
се посочува во соопштението.
Од општинската организација на СДСМ во Куманово реагираат на забелешката во општинското соопштение дека сега се преземаат поинакви чекори од претходниот период, посочувајќи дка Димитриевски веќе осум години е на високи функции во локалната самоуправа.
„Кој беше власт во Куманово од 2013 година? Дали Максим Димитриевски признава дека во изминатите години работел во интерес на приватни компании, наместо во интерес на граѓаните? Димитриевски признава дека во период од 2013 година, како претседател на советот на Општина Куманово и 2017, како градоначалник на Општина Куманово, веќе осум години работи во интерес на приватни компании, а не во интерес на граѓаните. Го прашуваме Димитриевски дали, работејќи во интерес на приватни компании, работи и за сопствен личен интерес и дали ќе продолжи да го промовира својот личен интерес како приоритет број еден за Општина Куманово“,
се наведува во реакцијата од СДСМ – Куманово, испратена од електронска адреса на Оливер Илиевски, што се совпаѓа со името и презимето на сдсмовскиот противкандидат на Димитриевски на локалните избори што се одржаа во октомври.
По локалните избори, на кои Димитриевски настапуваше како независен кандидат за градоначалник, за разлика од 2017 година, кога ги бранеше боите на СДСМ, од партијата најавија дека ќе се обидат да се помират и да го вратат назад.
Сепак, во меѓувреме, новоизбраните советници од листата која ја поддржа градоначалничката кандидатура на Димитриевски направија мнозинство во општинскиот совет со ВМРО-ДПМНЕ и со поддршка на Беса, Левица и Алијанса за Албанците, така што СДСМ првпат замина во опозиција во Куманово.
Потоа Димитриевски настапи со критики кон својата матична партија и во периодот пред одржување на вонредните внатрепартиски избори за нов лидер, на кои победи Димитар Ковачевски, кој долги години беше во општинската организација на СДСМ во Куманово.
